сабота, 21 март 2026

Три македонски драми во избор на ЕУРОДРАМ, европската мрежа за драма и превод

Европската мрежа за современа драма и превод „Еуродрам“ го соопшти изборот на најдобри нови драмски дела на европско ниво за 2026 година. Меѓу нив се и три драми на македонски јазик: „Џинови и џуџиња“ од Владимир Јанковски, „Кој сум јас“ од Митко Чешларов и „104“ од Драгана Лукан Николоски.

 

Објавено на

часот

Сподели

Во конкуренција на 1.430 пријавени дела од автори што пишуваат на некој од европските јазици се најдоа и 8 текстови напишани на македонски јазик. Изборот го направија членови од 30 посебни јазични комитети на „Еуродрам“.

Во Македонскиот комитет на „Еуродрам“, кој го направи изборот на македонски драми, се: Иван Додовски, писател и редовен професор на Универзитетот Американ колеџ Скопје (претседавач);  Фроса Пејоска-Бушро, преведувачка и редовна професорка на Институтот за ориентални јазици и цивилизации од Париз; Александар Зицман, преведувач и универзитетски предавач на Катедрата за славистика на Универзитетот во Виена; Катeрина Коцевска, актерка и драмска писателка од Скопје и Дарко Јан Спасов, преведувач, драматург и директор на Театар „Комедија“ од Скопје.

Првонаградениот текст „Џинови и џуџиња“ од Владимир Јанковски е драма на егзистенцијални дијалози на ликови од различни географски и геополитички контексти, кои се откриваат низ точки на допири и разликувања. Ова е текст за односот меѓу микрокосмосот и макрокосмосот, за џиновите и џуџињата што ги носиме во себе и се бориме со и за нив. Владимир Јанковски (1977) е писател и книжевен преведувач. Студирал општа и компаративна книжевност и работел како уредник во неколку издавачки куќи. Има објавено девет книги меѓу кои и четири романи. За романот „Скриени желби, немирни патувања“ ја добил наградата „Роман на годината“, за романот „Невидливи љубови“ ја добил наградата „Рациново признание“ за најдобра прозна книга, а за романот „Ехото на акробатите“ ја освоил наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман.

Второнаградената драма „Кој сум јас“ од Митко Чешларов на комичен начин ја истражува тенката граница меѓу приватната и јавната сфера. Луѓето се препознаваат во стиховите на еден несигурен поет, нивните реакции ги разнишуваат меѓусебните односи и отвораат прашања за идентитетот и за значењето на споделената уметност. Митко Чешларов е магистер по филозофија и род и дипломиран класичар. Автор е и коавтор на образовни и истражувачки трудови, како и на учебници по латински јазик за средно образование. Активен е и како автор и композитор на музички дела со кои учествувал на неколку фестивали. Ја објавил книгата „Три лица на љубовта“ (2025) во која е вклучена и драмата „Кој сум јас“.

Третонаградениот текст „104“ од Драгана Лукан Николоски е драма што започнува како неразбрана шега за 104 љубовници на една млада жена што се соочува со контролирачки однос од сопругот. Делото ја истражува токсичната љубомора и трагичните последици што произлегуваат од недовербата. Драгана Лукан Николоски (1984) студирала драматургија на ФДУ во Скопје, каде што завршила и магистерски студии по филмско и телевизиско сценарио. Работи како драматург во Театарот за деца и младинци во Скопје. Две нејзини пиеси тековно се играат: „Марта Верина“ (2024) во МНТ и „Анна“ (2025) во Театар „Комедија“ во Скопје. Во 2019 година ја добила наградата „Живко Чинго“ за краток расказ.

„Еуродрам“ е европска мрежа за современа драма и превод, која опфаќа повеќе од 300 членови – театролози, критичари, драмски автори, преведувачи, режисери – организирани во триесет јазични комитети. Главна цел на мрежата е да го поттикне преводот на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и за публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност. Во парни години, секој јазичен комитет на „Еуродрам“ избира три оригинални драмски дела напишани на јазикот на тој комитет и ги препорачува за превод на други европски и блискоисточни јазици. Во непарни години, комитетите избираат три најдобри преводи на нивниот јазик со цел да се препорача нивното објавување и сценско изведување.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ