Оваа година школата била меѓународна поради учеството на студенти од Fontys Academy of the Arts од Тилбург во Холандија, кои заедно со студентите од ФЛУ истражувале и креирале уметнички дела низ фотографскиот медиум инспирирани од пејзажот како визуелна, документарна и критичка форма на изразување.

„Преку теоретски и практични сесии, учесниците се запознаа со начините на користење фотографски камери во различни светлосни услови, анализа на оптички карактеристики на објективите и употреба на софтвери за обработка на фотографија. Фокусот на оваа сесија беше пејзажната фотографија – не како идеализирана слика, туку како документарна и критичка форма, платформа за настанување на комплексни уметнички и мултимедиумски дела“, соопшти ФЛУ.
Учесници во сесијата биле осум студенти од ФЛУ и тројца од Холандија, а во наставниот и организацискиот тим биле професорите Роберт Јанкулоски, Гоце Наневски, Дориан Јовановиќ, Доротеј Нешовски и Никол Ван Хуф.
Покрај во Лазарополе, учесниците фотографирале и во околината и во блиските села, истражувајќи го пејзажот од повеќе перспективи: уметничка, техничка, еколошка и културолошка.

Крајниот резултат од оваа сесија ќе биде претставен на групна изложба во Галеријата на ФЛУ во Скопје, која ќе се одржи кон крајот на годината.
Проектот е поддржан од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Министерство за култура и туризам и Europe House Скопје.






