недела, 14 декември 2025

Театарот за деца и младинци со „Роња, ќерката на ограбувачот“ на фестивал во Мостар

Театарот за деца и младинци – Скопје на 22 септември ќе ја изведе наградуваната куклената претстава „Роња, ќерката на ограбувачот“ во Куклениот театар во Мостар, Босна и Херцеговина, во рамките на петтиот Меѓународен фестивал на куклена уметност во Мостар (ФЛУМ 2025), што ќе се одржи од 21 до 26 септември во организација на Куклениот театар во Мостар.

Објавено на

часот

Сподели

Претставата е работена според истоимениот роман на Астрид Линдгрен – светски познатата шведска авторка на романот „Пипи Долгиот Чорап“. Станува збор за динамична куклена адаптација со изразен сценски ритам и музички сегменти. Во фокус на дејството е храброто и независно девојче Роња, чие растење е проследено со многу пресвртници. Приказната ги води гледачите низ свет на ривалски банди, таинствени шуми и фантастични суштества, а во него две деца од различни кланови на ограбувачи започнуваат една сосема поинаква авантура, притоа истакнувајќи ја силата на пријателството и изборот на сопствен пат.

Режијата и драматизацијата се на Јакуб Максимов (Чешка), драматург е Горјан Милошевски, сценографијата, дизајнот на кукли и маски, како и костимографијата се на Олга Зјебињска (Полска), а музиката е на композиторот и корепетитор Лазар Новков (Србија). Улогите ги толкуваат Матеа Јанковска, Никола Наковски, Мики Анчевски, Катарина Илиевска Силјановска, Ангела Димитрова и Петар Стојанов.

Во натпреварувачката програма на фестивалот се опфатени десет претстави од Бугарија, Унгарија, Чешка, Шпанија, Словачка, Хрватска/Кореја, Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Босна и Херцеговина. Фестивалот исто така нуди и богата придружна програма со перформанси, книжевни промоции и работилници за деца и театарски работници. Влезот за сите настани е бесплатен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ