„Тие столчиња имаа историја од шеесетина години, носеа некоја емоција и традиција, но, сепак, веќе беа нефункционални и имаше поплаки од публиката. Им благодарам на Полската амбасада и амбасадоот Мариуш за помошта и донацијата што ја дадоа за поддршка на овој проект, кој чини околу 9 милиони денари. Министерството за култура и туризам го поддржа со околу 5,3 милиони денари проектот за реновирање на салата т.е. менување на столчињата и на подот“, изјави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
По посетата на салата во театарот, заедно со амбасадорот на Полска, Мариуш Бримора, министерот посочи дека и во иднина ќе има инвестиции за Театар Комедија кој е, рече, еден од најпосетените театри во Македонија. За следната година е во план реновирање на гардеробите и менување на осветлувањето и на самата сцена.
Документ за завршениот проект со поддршка од Полска потпишаа полскиот амбасадор Мариуш Бримора и директорот на Театар Комедија, Дарко Спасов.
Бримора кажа дека поддршката е една од поважните активности на дипломатијата на Полска во многу региони во светот, која го вклучува и Западен Балкан. Тој ги покани гледачите да ја проследат првата претстава во новото гледалиште овој петок – македонска премиера на претставата „Ивона, принцезата на Бургунд“ по текст од полскиот писател Витолд Гомбрович, во режија на Билјана Радиноска.

„Амбасадите на Полска во регионот спроведуваат многу проекти секоја година. И ова е пример за поддршка на Полска во проект што успешно го завршивме со Театар Комедија во Скопје. Тоа беше совршено партнерство и сум многу задоволен од резултатот. Им благодарам на директорот и на министерот за култура за поддршката на нашиот проект со кој претставуваме нова опрема за публиката во театарот. Првата прилика таа да се проба е в петок вечер, кога ќе биде изведена македонска премиера на претставата ‘Ивона, принцезата на Бургунд’ од полскиот автор Витолд Гомбрович, истакна Бримора и додаде дека ваквите партнерски проекти ќе продолжат и во иднина.
Театар Комедија е отворен во ноември 2011 година и е меѓу најпосетуваните театари во државава. Во 14-те години поставени се над 50 премиери, а во оваа година имале осум.
„Ивона, принцезата на Бургунд“ на 28 ноември ќе биде нивната деветта премиера во 2025-та, а сезоната ќе ја заокружат со десеттата премиера – „Ана“ во режија на Нина Николиќ. Театар Комедија, годишно има околу 120 изведби со приближно 33. 000 гледачи.
Ансамблот на Театар Комедија сцената ја дели со нивните колеги од Турски театар-Скопје кои чекаат да се вселат во новиот објект кој веќе една деценија е во изградба.






