Фестивалот ќе биде отворен денеска со долгометражниот филм „Спасение за почетници“ (2024) на режисерката Соња Просенц, кој на хумористичен и трагикомичен начин ги истражува современите општествени прашања. Филмот е копродукција меѓу Словенија, Италија, Норвешка и Србија, и имаше светска премиера на фестивалот во Трајбека.
Утре ќе биде прикажан младинскиот акциско-авантуристички филм „Игралиштето не го даваме!“ (2024) на Клемен Дворник, кој ја следи борбата на група млади скејтери за зачувување на своето маалско игралиште. Филмот освои 12 награди, меѓу кои и Златната ролна во Словенија.
Завршната вечер, сабота, 11 октомври, е резервирана за документарниот филм „Планината не оди никаде“ (2025) на Петра Селишкар, кој ги прикажува животите на млади овчари во македонските планини. Филмот е копродукција меѓу Словенија, Франција и Македонија, и веќе има освоено две меѓународни награди.






