Монодрамата „Ја, Ѓорѓија Пулески – роден су од камен“ е инспирирана од неговиот живот посветен на борбата со зборот како оружје. Текстот е напишан од Миле Бошњаковски на македонски јазик, односно на еден од неговите автентични говори – мијачкиот.
Режисер на монодрамата е Бојан Трифуновски и ќе ја изведе актерот Рубенс Муратовски. Музичката подлога, инспирирана од традиционална композиција „Ветер да подујне“, ја подготви музичарот Нико Ѓоргиевски, а во живо ќе ја изведат заедно со Мајовци.
„Со објавата на ‘Речник од три јазика’ пред 150 години, Ѓорѓија Пулески јасно, прецизно и со острина на галички камен го втемелува македонскиот јазик во лингвистичкото семејството на Балканот, Европа и целиот свет. Сеќавањето на Пулески и на неговото творештво кое е од исклучително значење за македонскиот јазик, и тоа во неговиот роден Галичник, овој Петровден треба да биде ‘ехо’ кое ќе се пренесува во наредните векови“, соопшти Месна заедница Галичник по повод премиерата.






