петок, 12 декември 2025

Кинотека утре ќе ги промовира филмовите на најмладите македонски филмаџии

Утре со почеток во 19 часот, во киносалата на Кинотеката ќе се одржи специјална проекција на кратките филмови изработени од младите филмаџии – учесници на работилницата „Филмска училница“, реализирана од Кинотеката и Гете-институт Скопје, како дел од меѓународниот проект ФилмЕД, информираа од Кинотека на Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

Премиерно ќе бидат прикажани четири кратки филма создадени во рамките на училницата: Клетвата на папагалот, Ти и јас, Роденденска митерија, Писмото за наставничката и Девојчето на сликата.

Филмските училници од проектот ФилмЕД се одржуваа секоја сабота во Кинотеката во текот на првото полугодие од учебната 2025/26 година, а во нив учествуваа деца на возраст од 11 до 14 години. Под менторство на режисерите Саша Станишиќ, Светислав Подлешанов и Кирил Каракаш, младите учеа за основите на филмската уметност и активно работеа на создавање на свои први кратки филмови – во улоги на режисери, сниматели, актери и сценаристи.

„Филмска училница ФИЛМЕЈ“ е дел од проектот ФилмЕД, кој, покрај развој на методологии за филмска едукација, има за цел да ѝ понуди на младата публика можност да гледа филмови, но и место за дијалог и критичко промислување за нив. Преку интерактивни и креативни процеси, учесниците стекнаа основни знаења за филмот и филмската уметност, развија критичко размислување и добија практични вештини за создавање видео-содржини како средство за лично изразување. Кратките филмови што ги создадоа на овие училници утревечер ќе бидат прикажани пред нивните семејства, пријатели и пошироката јавност.

Кинотеката и Гете-институтот Скопје се дел од меѓународниот проект ФилмЕД финансиран од Европската Унија преку програмата МЕДИА. Покрај нив, во проектот учествуваат партнери од Полска, Унгарија, Чешка и Словачка, а координатор на целиот проект е Гете-институтот во Прага.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ