понеделник, 6 април 2026

Студентската тематска изложба „Дисторзии“ во галерија МКЦ

Студентската тематска изложба „Дисторзии“, која ќе се одржи во Младински културен центар, претставува кураторски проект насочен кон истражување на системската дисторзија како општествен и институционален феномен што директно влијае врз обликувањето на младинската креативност. Изложбата ќе биде отворена утре, 7 април, а ќе трае до 19 април.

Објавено на

часот

Сподели

Во изложбата учествуваат студенти од Eвропскиот универзитет, кои преку различни медиуми — сликарство, инсталација, мултимедија, фотографија и интердисциплинарни практики — нудат критички и визуелно артикулирани интерпретации на состојбите што ја дефинираат нивната генерација. Проектот ги разработува аспектите на искривување на вредносните системи, нарушување на перспективите, притисокот врз индивидуалниот израз, како и адаптацијата и отпорот како паралелни механизми на делување.

Фокусот на „Дисторзии“ не е насочен кон декларативен активизам, туку кон аналитички пристап, симболички јазик и формална експериментација. Целта е да се изгради кохерентна изложбена целина која ќе понуди јасна концептуална структура и професионална презентација на современите уметнички практики кај младите.

Проектот е организиран од Ана-Марија Матх , во соработка со визуелната уметница Ана Трајковска, која учествува како селектор на авторите. Изборот на учесниците се темели на концептуална релевантност, визуелна издржаност, оригиналност и медиумска разновидност.

„Дисторзии“ има за цел да отвори простор за критичко преиспитување на современите општествени структури и нивното влијание врз младите автори, истовремено афирмирајќи нови форми на визуелен израз и авторски пристапи во европски контекст.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ