Станува збор за дело во кое на простор од нешто повеќе од сто страници, низ главните ликови, авторот создава Фројдовски слики за борбата на доброто и злото, за верата и неверата. Георгиевски уште во прологот на романот го нагласува овој пристап: „Спротивноста го раздвижува постоењето. Ако не постои спротивност, ништо, ама баш ништо нема да се случува. Нема да постои искра за огнот, пламен за огништето и запалка за хартијата. Нема да опстои ни идејата за спротивставување, зашто таа произлегува од стравот да му опонираш на тоа што не ти се допаѓа и не се вклопува во твојата идеологија врежана во кодот на опстојување и дејствување. Тоа значи да се одбере меѓу она што се нарекува распнат за доброто и погубен во името на злото што постојано се повторува без оглед на идентитетите што ги нарекуваме луѓе. Идентитетот е лозинката за влез…“.
Романот ќе биде промовиран на саемските манифестации во Скопје, Битола, Штип, Охрид и Тетово.
Филип Георгиевски е роден 1975 година во Скопје. Досега ги објавил стихозбирките: „Ново Видение“ (2010), „Чудодејствија“ (2011), „Под стреите на темнината“ (2011), „Соголување“ (2012), „Оросница“ (2015), „Песни за љубовта и смртта“ (2016).
Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2013 година.






