Настанот беше дел од шестото издание на „Денови на литературата“, што се одржува од 5 до 22 февруари, во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на www.literatura.mk.
„Среќен како Наи“, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е инклузивна сликовница што нè води низ светот на едно дете родено со физичка разлика (limb difference) и ни покажува дека неговото секојдневие е исполнето со радост, игра и љубопитност – исто како и кај секое друго дете.
„Приказната за Наи е длабоко лична и произлезе од моето мајчинство. Таа е инспирирана од мојот син Јан, кој е роден со конгенитална хипоплазија на рака. Заедно со неговата сестра близначка Мила секоја вечер се препуштаме на магијата на книгите, но во многуте наслови не постоеше сликовница во која Јан можеше да се препознае и да се види себеси. Тоа ме поттикна да ја создадам оваа книга – за да му покажам дека неговата различност е вредност, а не пречка. Сакам преку Наи да ги охрабрам и другите деца и родители да ја прифатат различноста како нешто природно, убаво и нормално. Верувам дека секое дете заслужува да се види во светот што го чита. Името Наи е варијација од името Јан, но и од прилогот „нај“, како скриена порака дека сите треба да веруваме дека сме најдоброто, најубавото и најхраброто – да веруваме во себе и да се сакаме онакви какви што сме. Јан е горд и среќен што со оваа сликовница сите негови другарчиња имаат книга во која можат да го препознаат. Тој е едно искрено среќно дете, со среќно раче и заразна позитивна енергија“, рече Салџиева, која по професија е графички дизајнер, а моментално работи како маркетинг-директор.
Таа истакна дека главната порака на книгата е ширење љубов и разбирање и повик да бидеме нежни едни кон други. Книгата е објавена пред неколку месеци и во меѓувреме стекна голем број читатели. Салџиева вели дека ја радува и охрабрува фактот што „Среќен како Наи“ веќе е дел од омилените книги во многу детски библиотеки, а реакциите од читателите ѝ даваат мотив и сила да продолжи.

На илустраторот Томи Џуровски, со кого се познаваат одамна, Салџиева вели дека без двоумење му ја доверила задачата да ја оживее нејзината приказна. Веќе со првите скици ја почувствувала енергијата на Јан и изрази голема благодарност за автентичноста и емотивноста со која е претставен ликот.
Томи Џуровски е илустратор, аниматор, уметнички директор и косопственик на студиото за мобилни игри „Furious Avocado“, коавтор на глобалниот хит „Tie Dye“ и уметнички директор на анимираната серија „Буквождер“.
„Како и на сите проекти, и тука пристапив со целосна посветеност и љубов, приспособувајќи го пристапот на специфичниот сензибилитет и потребите на приказната. Посебно ми значеше соработката со Ана, бидејќи темата е важна и недоволно застапена кај нас, па вложив дополнителна грижа таа да биде прикажана на детски, разигран и топол начин… Од самиот почеток Ана имаше јасно подготвен текст, кој овозможи лесно да се издвојат клучните моменти на приказната… Најсилната инспирација дојде од фотографиите и видеата од вистинскиот лик по кој е создаден Наи – Јан. Токму тие ми помогнаа низ илустрацијата да ја пренесам ведрината, радоста и искрената детска емоција што ја носи ликот“, рече Џуровски.
Паралелно со одржување на оваа промоција, во „Литература.мк“ во „Ист гејт мол“, пак, се одржа и работилница за изработка на макети со Revell, во соработка со Макетарскиот клуб „Мајор Михајло Ивановски-Микс“.






