недела, 21 декември 2025

Спомен соба на Кирил Македонски во битолскиот „Завод и музеј“

„На музиката ѝ претстои исклучително значајна улога во животот на човекот и на универзумот, каква што денес едвај можеме да ја предвидиме“, истакнал своевремено композиторот на првата македонска опера, Кирил Македонски.

 

Објавено на

часот

Сподели

Свеченото отворање на Спомен-собата во негова чест, во рамките на НУ „Завод и музеј“ – Битола, ќе се одржи со свечена академија на 23 декември. Истата содржи ексклузивен материјал за композиторот,  бројни информации за животот и делото, обемна литература, како и оригинали и лични предмети, од кои дел оваа година семејството на великанот ги предаде на Музејот, институцијата која има посебно место во чувањето, заштитата и презентирањето на македонското културното наследство.

Повеќе од 300 книги од семејната библиотека, 20 регистратори со ретки документи, 3 семејни фото албуми, опери, партитури, либрета, писма, оперети за деца, хорски дела, симфонии, филмска и драмска музика, детски песни, ретки списанија, плакати за настани, дипломи, награди, лични предмети, лични документи…се само мал дел од обемниот материјал.

Настанот е еден дел од проектот „100 години од раѓањето на Великанот Кирил Македонски“. НУ „Завод и музеј“- Битола со гордост го чува и клавирот на кој што Македонски ја компонираше првата македонска опера.

Кирил Македонски беше роден на 19.01.1925, во Битола. Тој е автор на првата македонска опера „Гоце“ (1954), како и на оперите „Цар Самоил“ (1968) и „Илинден“ (1973). На подрачјето на оркестарската музика, значајно дело е симфониската поема „Танчарка“ (1952), како и петте симфонии. Паралелно со компонирањето, Македонски се занимава и со проблемите од областа на музичката психологија, посебно со музикотерапијата, постигнувајќи видни резултати на тој план и во меѓународни размери. Неговото творештво е огромно. Освен издадените дела, во оригинални ракописи постојат бројни партитури кои допрва ќе се откриваат.

На свечената академија ќе се изведат арии од операта „Гоце“ и „Цар Самоил“, Хорски дела како и една праизведба на Суита за обоа и фагот.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ