петок, 19 декември 2025

„Со злато против смртта…“ – промоција на монографија на Никос Чаусидис

Во Националниот археолошки музеј утре ќе се одржи промоцијата на книгата на проф. д-р Никос Чаусидис „Со злато против смртта: иконографија и семиотика на раноантичките златни погребни апликации од Македонија“. Организатор на промоцијата е Центарот за истражување на предисторијата.

Објавено на

часот

Сподели

Монографијата ги обработува погребните маски и другите златни покривки ставани врз телото на елитните покојници од Македонија во текот на VI и V век пред нашата ера. Преку анализа на формата, значењето и намената на овие наоди, како и преку нивно споредување со пишаните извори и со соодветни традиции присутни во други култури, авторот се стреми да реконструира некои аспекти од религијата и митологијата на популациите што ги произведувале и користеле овие предмети, и особено нивните претстави за вселената, смртта и посмртната судбина на човекот.
За книгата и темата на која таа се однесува ќе зборува д-р Перо Арџанлиев, истакнат специјалист од дадената област. Потоа, д-р Игор Ефтимовски, близок соработник на авторот и одличен познавач на темата, ќе поведе разговор со него, поврзан со најинтригантните прашања кои се загатнати во неговата книга. Настанот ќе биде проследен со изложба на реплики на златните маски и другите погребни апликации изработени од страна на проф. Чаусидис, а наменети за илустрирање на оваа публикација.
На промоцијата, покрај претставувањето на содржината на оваа електронска монографија, ќе биде ставен во функција и линкот за нејзино бесплатно преземање од веб-страницата на ЦИП.
Издавач на монографијата е Центарот за истражување на предисторијата, а промоцијата е организирана во соработка со Националниот археолошки музеј.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ