недела, 7 декември 2025

Скопскиот џез фестивал почнува со полскиот пијанист Анджеј Јагоѓински

Еден од најдобрите полски пијанисти, Анджеј Јагоѓински в четврток, на 16 октомври, во Националната опера и балет ќе го отвори годинашниот 44-от Скопски џез фестивал (СЏФ). Јагоѓински првпат доаѓа во Скопје и во оваа прилика ќе настапи во формација трио, а ќе ги свири Бах и Шопен.

Објавено на

часот

Сподели

Како што најави денеска програмскиот дитректор на СЏФ, Оливер Белопета, првата вечер по Јагоѓински ќе свири и Националниот џез оркестар од Македонија, со двајцата гости: австрискиот диригент и аранжер Зиги Фајгл и американскиот тромбонист Луис Бониља.

Втората вечер, в петок, на 17 октомври, се американскиот гитарист Марк Рибо и еден од најпрогресивните артисти на реномираната импровизаторска сцена на Чикаго, Кахил Ел Забар, а саботата, 18 октомври, е резервирана за скандинавските уметници. Први настапуваат „After the wildfire quartet“ – Арве Хенриксен и Јан Банг со гитаристот Ејвинд Арсет и перкусионистот Ингар Зак, а потоа Горан Кајфеш со квартетот Tropiques, кој на публиката ќе ѝ понуди „хипно-џез“ уживање. Квартетот покрај Кајфеш, го сочинуваат и исклучителните шведски музичари Александар Зетсон, Јохан Берлинг и Јохан Холмегард.

СЏФ завршува на 19 октомври, в недела, со настап на најкреативниот и најдобар жив американски џез-музичар, трубачот и композитор Вадада Лео Смит и пијанистката Силви Курвоазје, по кои ќе свири и квартетот на тенор саксофонистот Џејмс Брендон Луис.

Програмата на 44-от Скопски џез фестивал предвидува и две ексклузивни европски филмски премиери во киното Фросина. Прикажани ќе бидат документарците „We want the funk!“ и „SUN RA: Do the impossible“. Првиот филм, на 15 октомври, е синкопирана одисеја полна со ѕвезди и фанк патешествие кое ги следи и препознава африканските и госпел-корените, од Џејмс Браун до Parliament-Funkadelic, а вториот, на 18 октомври, е за Сан Ра, поет, египтолог, космолог, историчар, активист, бенд лидер, музичар и џез пионер.

„И годинава фестивалот го продолжува концептот, свртен е кон современиот џез, кон актуелноста, со оглед дека сите учесници кои доаѓаат, годинава или претходната имаат нови остварувања кои оставиле силен белег на сцената. Изборот не е случаен, а во концептот спаѓа и ексклузивноста. Нашата основна цел е СЏФ да ја задржи репутацијата во Европа и во светот, да го задржи култниот статус и да ја продолжи успешната приказна“, потенцира Белопета.

Постерот за 44-от Скопски џез фестивал го дизајнираше Ѓорѓе Јовановиќ.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ