среда, 25 март 2026

„Симбиоза“ – прва самотојна изложба на Стефан Златев во Сули-ан

Во галеријата „Драгутин Аврамовски-Гуте“ на Факултетот за ликовни уметности во Сули-ан, во Старата скопска чаршија, денека во 19:30 часот ќе биде отворена првата самостојна изложба на Стефан Златев. Тој ќе се претстави со дела преку кои визуелно го истражува односот на човекот кон природата, попрецизно кон малите форми на живот. Со суптилна еколошка рефлексија, преку насловот „Симбиоза“ што го позајмува од биологијата, тој нè потсетува на сложената меѓузависност на природните механизми кои се клучни за опстанокот на човекот.

Објавено на

часот

Сподели

Стефан Златев дипломирал графика и графички дизајн во 2023 година, на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во класата на професорот Мирко Вујисиќ. Учествувал на неколку групни изложби, со свои илустрации е застапен во книгата „Историја на човештвото“ од Џани Родари, а негови дела се корици на неколку поетски книги на Виолета Танчева-Златева.

Во визуелниот простор на Златев науката е почетна инспирација, која тој визуелно ни ја раскажува со употреба на декоративна естетика, надополнета со внимателна графичка цртачка дисциплина. Како што истакнува профеорот Ладислав Цветковски во текстот за каталогот, „преку спојот на традиционалната и дигиталната технологија, Стефан Златев создава композиции што ги дефинира како ‘организиран хаос’, во кои преку мешањето на изразните можности на употребените изразни средства и преку формите и линиите создава чувство на динамика, но истовремено и на хармонија. Таа негова прецизност и грижливиот пристап кон цртежот нè упатуваат на неговата блискост со класичната дисциплина на графичката техника, надополнета со употреба на дигитални алатки кои ги третира како ‘адитив’ преку кој го заокружува својот визуелен концепт.“

Златев индиректно се зафаќа и со прашањето дали илустрацијата, без дополнително да се интервенира за да се задоволат одредени „етаблирани“ очекувања, може да опстане самостојно како автономно визуелно дело. Тој се обидува да ги надмине границите меѓу илустрацијата и ликовното уметничко изразување, сакајќи наративниот карактер на применетата уметност да го сплоти со визуелниот систем на ликовната уметност и да создаде симбиоза која ќе резултира во негов автохтон визуелен систем, кој ќе му овозможи да комуницира со гледачот.

Изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам на Македонија, а ќе биде отворена до 31 март.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ