сабота, 27 декември 2025

„Силјан” на 4 јануари „слетува” на црвениот тепих во Скопје

По американската премиера во Њујорк, како и британската во Лондон, „Приказната за Силјан” на Тамара Котевска ќе ја доживее својата свечена премиера во Скопје. На 4 јануари 2026 (недела) во 20.30, во МНТ ќе се одржи премиерата на македонскиот кандидат за Оскар пред домашната публика која нетрпеливо го чека ова наградувано дело.

Објавено на

часот

Сподели

МНТ за првпат ќе биде домаќин на ваква кино промоција, каде ќе биде присутна целата филмска екипа на „Силјан“ која работеше на еден од најдобрите документарни филмови во македонската кинематографија. Доказ за тоа се наградите кои ги пронижа на сите меѓународни релевантни фестивали како и откупувањето на филмот од страна на Национална географија (National Geographic). Светските критичари рекоа: „триумф”, „апсолутен шармер”, „импресивно дело”, „прекрасна и нежна меланхолија деликатно поврзано со екосистемот, кој е предизвикан од притисокот на модерниот живот во Македонија”, и тоа се само дел од епитетите кои ги напишаа светските филмски критичари.

„Приказната за Силјан” е визуелно силен и медитативен филм за издржливоста, грижата и малите дела кои менуваат животи. Во срцето на рурална Македонија, земјоделецот Николa, притиснат од новите државни политики, случајно наоѓа ранет бел штрк на депонија и решава да му помогне. Нивниот кревок, полека граден однос со доверба се претвора во спасоносна врска која му враќа смисла на Никола, ги обновува врските со заедницата и ги буди старите преданија и односот кон природата.

Режисерка на филмот е  Тамара Котевска („Медена земја“), кинематограф – Жан Дакар, додека продуценти се: Ана Хашми, Тамара Котевска, Жан Дакар, Јорданчо Петковски. Монтажер е Мартин Иванов, а музиката е на Џо Вилсон Дејвис и Хун Укпарк (Ханс цимер студио). Протагонисти во филмот се: Никола Цонев, Јана Цонева, Илина Цонева, Александар Цонев, Александра Цонева, Стојче Филипов, Иле Стојковски. Продуцентски куќи кои стојат зад филмот се: Чичонија филм, Конкордија студиос и Д’Корнершоп  (Ciconia Film, Concordia Studios, The Cornershop).

Билетите ќе бидат пуштени во продажба во понеделник, 29.12.2025 преку платформата на drugastrana.mk

По празниците филмот ќе продолжи да се прикажува во Скопје и низ останатите македонски градови.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ