Она што се случи оваа сабота на Саемот на книга во Скопје ќе остане запишано со златни букви во историјата на македонската книжевна сцена. Рекорден број посетители, километарски редици и само една причина – книжевната ѕвезда Себастијан Фицек, велат од Сакам книги.
Оттаму велат дека „писател од ваков калибар, ваков книжевен феномен, не памети македонскиот Саем на книга“.
„Илјадници луѓе од сите генерации, пред сѐ млади, трпеливо чекаа со часови за да се сретнат со омилениот германски автор на психолошки трилери“, велат од оваа издавачка куќа.
Фицек потпишувал шест часа без пауза, со насмевка и разговор со секој читател. Ниту заморот, ниту долгите редици не ја намалиле неговата енергија – напротив, тој со восхит ги прифатил сите кои дошле да го поздрават.
„Не паметам кога последен пат сум потпишувал вака многу книги. Дури ни на Саемот во Франкфурт не сум доживеал ваков ентузијазам. Бев импресиониран од тоа колку млада публика има тука во Скопје. Ги гледав луѓето како чекаат шест часа за да ме поздрават – тоа беше неверојатно. Благодарам, Македонијо!“ – изјави Себастијан Фицек за македонските читатели.
Од Сакам книги велат дека продажбата на неговите книги одела со молскавична брзина, сѐ до последниот примерок.
„Тиражите беа распродадени, а интересот беше толку голем што издавачот веќе најавува дополнителни печатења“, велат од Сакам книги.
Претходно во петокот, во киното Синеплекс беше одржана промоција на неговите два најнови романи – „Девојката со свеќа“ и „Мимики“.
„Она што Себастијан Фицек го донесе во Скопје не беше само промоција – туку вистински книжевен спектакл кој покажа дека љубовта кон книгата и авторот нема граници. Саемот на книга 2025 ќе остане запаметен како моментот кога книжевноста во Македонија доживеа вистински триумф“, велат од Сакам книги.