Допатуваа семинаристи од универзитетските центри од Албанија, Англија, Бугарија, Полска, Народна Република Кина, Романија, Канада, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешката Република.
Меѓу семинаристите се и универзитетски професори, значајни истражувачи од славистичкиот свет – лингвисти, книжевници и културолози и книжевни преведувачи, но и нови посветеници на македонистиката коишто искажуваат подготвеност да остварат влог во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура во светот.
„Големиот интерес за Школата e уште една потврда за зголемениот интерес за македонистиката во меѓународната академска заедница“, изјави на отворањето директорката на Семинарот Кристина Николовска.
„Најголема потврда за македонскиот јазик е афирмацијата на македонистиката, домашна и странска, особено таа река од седум илјади македонисти низ светот што постојано се шири и афирмира и ги носи основните постулати на светиклиментовата Охридска книжевна школa“, рече Николовска.
Уќесниците ги поздрави и за значењето на Семинарот, говореше и ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова
Таа рече дека Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, веќе седум и пол децении развива и гради академска извонредност, која е суштински поврзана со постулатите на Крсте Петков Мисирков.
„Акцентот на Мисирков е ставен на зборот ‘развивање’: развивање на науката и литературата, развивање на еден народ. Почитувани семинаристи-македонисти, нека тој збор ви биде водилка во учењето, нека секој работен ден на Семинарот биде подем кон развој на македонистиката како јазик со длабока традиција“, напомена Ангелова.
Таа ја цитираше познатата мисла на Мисирков: „Да го сочува некој својот народен јазик и да го брани како светиња, значи, да остане верен тој на духот на своите прадедовци и да уважуваат сé што имаа тие направено за своето потомство. Да се откаже човек од својот народен јазик, значи, да се откаже тој и од народниот дух.“
На отворањето говореше, во својство на покровител, претседателката Гордана Сиљаноска Давкова.
Таа ја нагласи улогата на Лекторатите за македонски јазик и литература во светот, како и Летната македонистичка школа во Охрид, низ која, изминативе 58 години, поминаа илјадници студенти, професори, научни работници, слависти и македонисти.
„Бесмислен, нецивилизиран и антиистоориски потег е негирање на македонскиот јазик и идентитет и е спротивно на основните европски начела и вредности, станува збор за изливи на национализам и шовинизам“, потенцираше македонската претседателка Сиљаноска Давкова.

Тие оспорувања на македонскиот јазик, намакедонската нација, македонскиот идентитет зборуваат за историски фрустрации – за жал, не на народите, туку претпоставувам на политичарите – кои мислат дека на тој начин можат да стекнат поени, рече Сиљановска.
„Да чуете негирање и говор на омраза значи дека се потребни реформи и во рамките на Европската Унија. Ако е за утеха, оние што користат говор на омраза се пратеници од крајната десница. Е сега, замислете – во Европскиот парламент седат претставници на партии кои, всушност, се против ЕУ. Тоа е парадоксално. Да, постои слобода на политичко здружување и слобода на изразување, но говор на омраза во Европскиот парламент не смее да се дозволи”, смета претседателката Сиљановска Давкова.
На отворањето присуствуваа уште и митрополитот на Дебарско-кичевската епархија г.Георгиј, како и претсетаделот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.
В.М.






