понеделник, 8 декември 2025
Интервју со Роберт Вељановски

Секој миг во живеењето на Република Македонија е историски, а националниот идентитет се аргументира со националната култура

В среда, на 19 ноември е премиерата на новиот македонски филм и ТВ-серија, „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, каде што една од улогите толкува и Роберт Вељановски. Најактуелниот момент во долгата професионална биографија на Вељановски е – директор на Драмски театар Скопје, но актерскиот предизвик секогаш му е своевиден „основен инстинкт“. Поради ангажманот на директор на театарска институција, смета дека е несоодветно да се наметнува и на сцената со која раководи, па „нетеатарските“ актерски предизвици, како филм и телевизија, на некој начин му претставуваат место за уметничка компензација. Иако првенствено актер, уметник, Роберт Вељановски смета дека културата има моќни аргументи за многу предизвици од политички вид, што ѝ се случуваат на Македонија последниве години во нејзините настојувања да стане дел од Европската Унија. Според него, македонската култура може, треба да биде и е моќна алатка и аргумент на македонската политика во процесот на евроинтеграциите.

фото: Од снимањето на серијата „Утре наутро“

Објавено на

часот

Сподели

Наскоро се очекува премиерата на филмот и серијата „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, каде што имате една од улогите. Вие, како актер, и Бојаџи како режисер, имате континуитет во соработката. Претходно, соработувавте и во серијата „Бистра вода“, прва македонска ТВ-серија по подолго време… Кога сте „внатре во приказната“, дали препознавате доволно енергија за создавање континуитет во продукција на македонски ТВ-серии, наместо тие да бидат „инцидентна појава“?

-Да, мојата соработка со Јани Бојаџи е континуирана од 2007 година и таа се одвива на повеќе полиња – во театар, на филм, на телевизија, но и на Универзитетот „Еуропа прима“.

Во Македонија енергија, но и знаење, за создавање на продукција на ТВ-серии и играни филмови очигледно дека има. Проблемот останува во делот на финансирањето. За жал. Од една страна, многу мал дел од македонските компаниите ја препознаваат шансата за сопствена промоција со спонзорства и донации во продукциите. Кога ќе ги погледнете одјавните шпици на сериите и филмовите што се снимаат во соседството јасно ќе ви стане за што зборувам. Не постои серија или филм во која со директно финансирање не се вклучени економски најмоќните компании на тие земји.

Од друга страна, нашата држава не е финансиски моќна да ги задоволи сите побарувања за снимање на серии и филмови. Од трета страна, сетете се како и зошто заврши проектот за играната серија „Македонија“, во кој беа вклучени и странски продукции и продуценти. Од четврта страна, континуитетот и квантитетот создаваат квалитет. Кај нас снимањето играна серија е инцидент, се случува еднаш на 4-5-7 години. Погледнете ја продукцијата во, на пример, Србија или Турција и споредете ја со нашата.

Да резимирам. Енергија, знаење и огромна желба има. Нема пари.

Накусо – која е приказната на „Утре наутро“ и која е „приказната“ на Вашиот лик?

-„Утре наутро“ е „приказна“ за настан што сите ние го живеевме во 2017 година. Филмот говори за судбините на засегнатите страни во тие настани. За оние што, буквално, безмилосно и брутално беа репресирани и без вина прогласени за виновни. Се разбира, овој филм нема документаристички пристап во раскажувањето на приказната, филмот е фикција, но, публиката експлицитно ќе ги препознае настаните и личностите.

Приказната на ликот што го толкувам во „Утре наутро“ истовремено е многу едноставна и многу комплицирана. Го играм братот на главната хероина, кој само поради личен интерес „заборава“ на сите морални вредности. Едноставно, го предава семејството. Ја предава сопствената сестра. Станува предавник. Ништо ново во македонската историја. Во онаа постарата и оваа поновата. Но, сѐ уште болна. И актуелна, за жал.

Не сметате ли дека е мала историската дистанца, дури и за фикција во вид на филм или ТВ-серија на она што речиси „вчера“ ни се случи и сè уште има влијание на политичката сегашност во Македонија? Или, како што велите, „многу едноставно и многу комплицирано“…

-Погледнато во историски контекст, можеби. Иако, според мене, веќе следното „утре наутро“ беше совршено јасно што се случи, зошто се случи и кон каде ќе заплови тој брод. Од друга страна, поминати се 8 години, тоа се два циклуса по 4 години. И, на крајот на краиштата, не постои уметност која е создадена само на рационално ниво, така што емоцијата што филмот ја носи со и во себе е апсолутно легитимно читање на тие настани. Дури и во случаи, а такви се разбира дека ќе има, кои не се согласуваат со „читањето“ на оваа приказна за 27 април.

Вие сте актуелен директор на Драмскиот театар Скопје, а таа функција ја извршувате по втор пат. Сепак, првенствено сте актер. Имате долгогодишно уметничко и „административно“ искуство на дејствување во културата. Каков е предизвикот да се гради уметничка кариера во македонскиот културен амбиент и истовремено да се влијае на културните политики?

-Да, јас сум прво актер. На македонската театарска и филмска сцена опстојувам повеќе од 34 години. Ова ми дава право да мислам дека знам што ѝ е потребно на македонската култура. Особено во делот на театарот. Кога станав прв пат директор во 2013 година, тоа повеќе беше од нужда, отколку од амбиција. И тогаш, кога ми беше понудена позицијата директор, самиот се соочив со една многу специфична ситуација. Имено, сите ние во театарот знаеме како треба и што треба да се прави, ама од една поинаква, удобна положба – јас ќе кажам како треба, ама друг да го сработи тоа. Тогаш, во 2013, тоа беше една од главните причини зошто ја прифатив функцијата. Ако знаеш, покажи како треба. И не можам да не констатирам дека функцијата директор влијае врз мојата работа како уметник. Како актер сега работам многу помалку. Ми фали сцената, ми фали публиката.

Но не дозволувам директорот Роберт Вељановски да формира репертоарна политика во театарот што го водам за актерот Роберт Вељановски. Точно, на секои две години си дозволувам по една улога, единствено за да не излезам од форма. Така што конкретниот одговор на вашето прашање е следниот: предизвикот е огромен, но нешто мора да трпи. Јас одбрав да му се посветам на театарот, а не на сопствената кариера како актер.

Живееме во еден историски миг, кога се чини дека секое дејствување се проценува низ одредена политичка призма. Колкаво е реалното влијание на политиката во создавањето култура во Македонија?

-Секој миг во живеењето на Република Македонија е историски. И да, во право сте. Секое дејствување на кој било чинител на општественото живеење се проценува низ одредена политичка призма. И тоа воопшто не е погрешно. Напротив. Но со едно сосема јасно разграничување. Едно е во културата да дејствувате од позиција на партиска политика, а друго да дејствувате од позиција на културна политика. Ако владата е збир на повеќе политички субјекти, сосема е нормално културната политика на таа влада да е збир од повеќе видувања за културата, збир од повеќе партиски политики за културата. Гледано од оваа перспектива нормално е да дејствувате во насока на афирмација на политиките на владата. Но тоа е дејствување од призма на културна, а не партиска политика. Значи, влијанието на владината политика во културата се однесува на главните стратегиски културни политики на владата. Во однос на програмата за работа и другите политики на една установа од културата – постојат органи на управување што самостојно одлучуваат во која насока ќе се движи установата. Овие политики се предмет на оценување на успешноста на работата на установата.

Од друга страна, колкава е моќта на културата да доведе до вистински одговори на политичките предизвици што ѝ се поставуваат на Македонија, во контекст на евроинтеграциите, а поврзани со националниот идентитет, македонскиот јазик, историјата…?

-Би рекол, огромна. Негувањето на сопствената култура е сигурно најдобриот одговор на политичките предизвици со кои се соочува современата македонска држава. Ние сме можеби по број мал народ, но македонската историја и култура се огромни. Тие многу јасно ги дефинираат разликите што нè прават различни од другите народи на Балканот. Националниот идентитет на Македонците е документиран многу пред создавањето на македонската држава. Затоа оркестрираните напади врз Македонија, барем во моментов, не се однесуваат на територијата, туку на нешто многу посуштествено, на обележјата на македонската култура. Негирањето на јазикот не е поради тоа што некому му пречи македонскиот јазик, него и онака го говорат не повеќе од 5-6 милиони луѓе на планетата, што се промили во однос на светската популација. Негирањето на јазикот е директна атака врз националниот идентитет. Некој сака да докаже дека ние всушност не сме ние, туку дека ние сме тие. Негирањето на историјата и историските факти се исто така обид за негирање на националниот идентитет, обид да се докаже дека ние Македонците сме дрво без корен и дека сѐ што нѐ обележува почнува од 1945 година.

Ако ЕУ е заедница на рамноправни народи, семејство на народи чиј идентитет и култура се многу јасно дефинирани, не ја разбирам потребата да бидеме дел од тоа семејство како аморфна маса, збир на луѓе без своја култура, историја и идентитет. Не ја разбирам и потребата на ЕУ да има таква држава за нејзин рамноправен член.

Оттука, македонската култура може, треба да биде и е моќна алатка и аргумент на македонската политика во процесот на евроинтеграциите.

Драмски театар на некој начин е градски бренд на Скопје. Одамна во јавноста се појавуваат гласишта за изградба на нов објект. Дури беа направени и проекти за нов дом на Драмски театар. Колку се реални таквите опции?

-Точно, од многу одамна Драмски театар е едно од култните културни брендови на градот Скопје. Нашата работа првенствено е наменета за скопската публика. Но уметноста што ја создава Драмски одамна ги има надминато територијалните граници на Скопје. Историски гледано, во бившата федерација, Драмски беше најпрепознатливата македонска театарска институција. Истото се случува и денес, Драмски е член на најпрестижната регионална унија на театри – РУТА. Оваа констатација целосно ни дава право да ја формулираме улогата на Драмски и како еден од најпрепознатливите македонски театарски брендови во регионот.

Што се однесува на самиот објект во кој функционира ансамблот на НУ Драмски театар Скопје, „гласиштата“ што стасале до вас се точни и многу реални. Уште пред 20-тина години е утврдено дека е нужно потребен нов објект за ансамблот на Драмски, затоа што објектот во кој и денес функционираме е монтажен објект изграден по катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година. Пуштен е во употреба на 4 март 1965 година. Пред точно 60 години. Во почетокот се размислуваше за изградба на нова зграда за НУ ДТС како дел од Јавно приватно партнерство, беше подготвен проект, но и покрај неколкуте тендери за изградба немаше заинтересираност кај инвеститорите. По третиот пропаднат тендер беше одлучено македонската држава да инвестира во изградба на објект, кој ќе биде само театар. Беше подготвен проект, распишан тендер, тендерот беше успешно спроведен и завршен со постигната вредност од 9,5 милиони евра. Но  по промената на власта во 2017 година, новата власт на СДСМ и ДУИ не го реализираше проектот. Проектот „Драмски“ беше само еден од низата што таа власт не сакаше да ги реализира. Зборувам за објектите на Струмичкиот театар (оставен како карабина), Турскиот театар во Скопје (оставен како карабина), Прилепскиот театар, Охридскиот театар… Со ова му е нанесена непоправлива штета и на ансамблот на Драмски, но и на целокупното културно живеење на Скопје и Македонија.

Еден од најважните мотиви повторно да ѝ се вратам на функцијата директор на НУ Драмски театар Скопје беше токму реафирмација на проектот за изградба на Драмски. Сакам да напоменам дека постои сериозна желба и посветеност не само кај мене, туку и кај предводниците на структурите на власта, Владата на Република Македонија и Министерството за култура и туризам овој проект да почне со реализација во блиска иднина.

Какви се уметничките амбиции со Драмски театар?

-Она на што напорно работиме во изминатите 18 месеци е збогатување на репертоарната политика на театарот со поголеми, побогати и поиздржани продукции. Се обидуваме да ја вратиме актуелноста на театарот работејќи претстави на теми што се актуелни во секојдневието. Притоа, поставуваме високи стандарди за одржување на едно сериозно уметничко ниво. Овие напори се во насока на враќање на публиката во театарот, но и на привлекување нова, млада публика, која ќе стане дел од нашето семејство во годините што се пред нас.

Паралелно вклучуваме една цела нова генерација на млади актери во репертоарот на театарот и внимателно ги следиме генерациите студенти што се на факултетите за драмски уметности со надеж дека ќе успееме да ги привлечеме најдобрите да станат дел од ансамблот на Драмски.

Посветено, со нашите партнери од РУТА, но не само со нив, работиме на меѓународна промоција на Драмски и на македонскиот театар и македонската култура. Се разбира, во овој контекст, зборуваме и за учество на реномирани меѓународни фестивали од натпреварувачки карактер.

Да се вратиме на почетокот од интервјуто: постои ли амбиција македонската продукција на ТВ-серии, како на пример „Утре наутро“ или „Бистра вода“ да им парираат барем на регионалните продукции на телевизиски серии?

-Имајте на ум дека регионалните продукции на телевизиски серии се многу релевантни и успешни на глобално ниво. Турската продукција има пазар од без малку 1 милијарда луѓе. Српската продукција има пазар со повеќе од 100 милиони луѓе. Така што кога говориме за парирање со регионалните продукции говориме за излегување на глобалниот пазар.

Иако по ниту една основа не сум вклучен во креирањето на политиките на продукциите (освен можеби консултативен, понекогаш ми испраќаат да дадам свое мислење за определено сценарио), јас искрено се надевам дека има амбиција. И би сакал да има. Ако сакате, дури и од најсебични причини. Телевизијата создава ѕвезди. Телевизиските ѕвезди продаваат билети во театарот.

Јасминка Павловска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ