понеделник, 29 декември 2025

Сценски спектакл „Сонцето е блиску сонцето“, 80 години МНТ

Во пресрет на 80 години од постоењето на Македонскиот народен театар, денеска на големата сцена премиерно ќе биде изведен сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in МNT“, од истакнатиот режисер Дејан Пројковски.

Објавено на

часот

Сподели

Претставата е спој на минатото и сегашноста преку клучните вредности на МНТ – љубов, умeтничка храброст, посветеност, визија, тимска работа, чување на традицијата и создавање нови вредности за иднината.

Претставата е аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза и ликовна уметност. Емотивна приказна посветена на големите актери, режисери, драматурзи и на сите оние професионалци зад кулисите, задолжени за создавањето на сценскиот универзум во МНТ.

Во претставата учествува огромна актерска екипа од ансамблот на Македонскиот народен театар, оперски пејачи и актери и студенти по актерска игра од Факултетот за драмски уметности и Еуропа прима во кореографија на Олга Панго и асистент на кореографот Ирена Лозинска. Асистент на режија е Андреј Цветановски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, за костимите е задолжена Марија Пупучевска, музиката е на композитор: Горан Трајкоски и дизајнер на 3Д-видеомапинг е Сергеј Светозарев.

Публиката ќе биде дел од големо патување во театарот на сонцето. Големиот сценски спектакл ќе спои повеќе изразни средства со акцент на 3Д-видеомапингот. Идејата е преку создавање мултимедијални сцени на оригинален начин, пред сѐ, преку силно визуелен израз да се раскаже 80-годишното театарско постоење на МНТ.

Сценскиот перформанс е инспириран од сѐ она што е важно, амблематично и препознатливо за Македонскиот народен театар, за македонската култура и традиција и за Македонија, воопшто.

„Перформансот е големо патување низ националната драма и сите основоположници на македонската драма и литература. Во претставата ќе бидат претставени сценски слики од највпечатливите моменти на сите големи автори на големата драматика, како и сите оние слики што се втиснати во колективната меморија и традиција. Претставата е аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза, песна и ликовна уметност. На сцената преку уметничката визија ќе видиме сценски слики што се значајни за нашиот идентитет, преку кои создаваме мозаик од музика, поезија, приказни, кои го направиле МНТ столб и чувар на нашата култура и традиција“, вели режисерот Пројковски.

Насловот на спектаклот „Сонцето, колку е блиску сонцето“ е првата реплика изговорена на македонски јазик од актерката Вера Вучкова на 3 Април 1945 година во театарската претстава „Платон Кречет“ од Александар Корнејчук во режија на Димитар Ќостаров.

Во драматуршката структура користени се материјали од: Глигор Прличев, Војдан Чернодрински, Ташко Георгиевски, Ристо Крле, Дејан Дуковски, Горан Стефановски, Блаже Конески, Јордан Плевнеш, Петре. М. Андреевски, Коста Рацин, Браќа Миладиновци, Никола Јонков Вапцаров, Коле Неделковски, Васил Иљоски, Гане Тодоровски, Марко Цепенков, Живко Чинго, Коле Чашуле и Крсте Петков Мисирков. Во сцените кои ја раскажуваат историјата на МНТ користени се и текстови од Бранислав Нушиќ, Исак Бабељ, Н.В. Гогољ, Гордан Михиќ и Александар Корнејчук.

Во претставта играат: Игор Џамбазов, Весна Петрушевска, Тони Михајловски, Владо Јовановски, Снежана Коневски – Руси, Александар Шехтански, Кирил Андоновски, Томе Витанов, Нино Леви, Искра Ветерова, Сенко Велинов, Дарја Ризова, Тања Кочовска, Никола Ристановски, Сашко Коцев, Звездана Ангеловска, Борче Начев, Благој Веселинов, Нина Деан, Ѓорѓи Јолевски, Габриела Петрушевска, Александар Ѓорѓиески, Наталија Теодосиева, Стефан Спасов, Александар Микиќ, Марија Новак, Оливер Митковски, Николина Кујача, Софиа Насевска – Трифуновска, Арна Шијак, Дамјан Цветановски, Григор Јовановски, Ненад Нацев, Јордан Симонов, Гораст Цветковски, Сашка Димитровска, Ивица Димитријевиќ, Висар Вишка, Ана Стојановска, Камка Тоциновски, Тина Трпкоска, Билјана Јовановска, Јана Вељановска, Леонида Гулевска, Бранко Михајловски, Илина Чонкова, Ванеса Тримчевска, Анастасија Митровска, Иво Јездиќ, Мирјана Трпковска, Ирена Димеска, Кристина Гиева, Ана Јовановска, Нела Павловска, Томе Станковски, Јована Миладинова, Стефанија Начевска, Стефани Димитрова, Енис Билаловиќ, Ѓорѓи Нешковиќ, Илин Јовановски, Тамара Ристоска, Тодор Стојковски; oперски солити Ана Дурловски и Игор Дурловски. Во театарскиот спектакл учествуваат и членови на Актерското студио Михајловски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ