Белградскиот бенд САРС (S.A.R.S, Sveže amputirana ruka Satrijanija) повеќе од 15 години важи за едно од клучните имиња на урбаната музичка сцена на Балканот. Препознатливи се по својот уникатен спој на поп, рок, хип-хоп, реге и балкански ритмови, кој го придружуваат искрени текстови со хумор, емотивност и суптилна, но ударна социјална критика.
Нивните песни не се само хитови, тие се жесток одраз на секојдневието, на проблемите и радостите на „обичниот човек“, што им овозможи да израснат во генерациски бенд што го слушаат и младите и тие што пораснале со нив.
Во Скопје се враќаат на 22 ноември со концерт во Јавна соба (Public Room).
Секогаш велите дека вашите концерти не се само свирка, туку заедничко искуство со публиката. Како ја паметите скопската публика и што очекувате од настапот во Јавна соба?
-Во Скопје имаме голем број концерти зад нас и многу убави спомени не врзуваат и за градот и за публиката што нè следи. Еден од првите настапи на бендот надвор од Србија се случи токму во Скопје, и тогаш за првпат сфативме колку брзо нашата музика се проширила низ целиот регион. Во неверување гледавме и слушавме како поголемиот дел од публиката ги пее со нас сите песни од збор до збор, цела вечер.
Наскоро ќе се дружиме во Јавна соба, каде што досега не сме настапиле, но сигурен сум дека ќе направиме луда журка каква што Скопје ја заслужува.

Вашите песни често спојуваат хумор и социјална критика. Колку е денес тешко да се остане искрен и ангажиран преку музика, а притоа да не се загубат забавниот дух и допадливоста?
-Многу е тешко, посебно кога гледаш дека со текот на годините и децениите одредени работи воопшто не се менуваат на подобро. И покрај тоа, мора да го задржиме ведриот дух и позитивната мисла, затоа што во спротивно, сите тие работи што ни пречат ќе ни го одземат и малото парче нерви и радост што ни останале.
Од „Буџав лебац “ до „Перспектива “ и „Ратујемо ти и ја “, вашите песни звучат како дел од секојдневниот живот. Кој момент од реалноста денес најмногу ве инспирира за нови песни?
-По толку години, тешко е да се најде инспирација да се опишат актуелни настани или состојби во општеството на духовит и паметен начин, без да се повторуваме или да западнеме во баналност. Се трудиме да најдеме нов агол за да ги опишеме работите што во моментот ни пречат во општеството. Политичарите и нивното агресивно однесување се секогаш непресушен извор на инспирација.
„Перспектива“ стана генерациска химна. Дали очекувавте дека реченицата „Свима нам је, свима, сива перспектива“ по повеќе од десет години ќе биде сè уште актуелна?
-За жал, како што малку претходно кажав, некои работи кај нас се менуваат многу бавно или воопшто не се менуваат. Затоа и не е чудно што таков поглед на состојбите во општеството, напишан пред повеќе од една деценија, и денес е актуелен во овие простори.
Звук без граници и публика што расте со бендот. Вашиот звук е мешавина од повеќе жанрови. Дали мислите дека токму таа слобода е клучот за вашата долготрајна популарност?
– Не знам дали е тоа најважниот фактор за нашата истрајност и популарност, но дефинитивно ни помогна во создавањето на нови песни. Ни даде слобода да се движиме во насоката која ја посакуваме, без да чувствуваме потреба да се држиме строго до одреден жанр.
Колку се САРС променети од почетоците до денес? Дали го чувате бунтовниот дух од првите години?
-Се трудиме да го задржиме, иако со текот на годините сè повеќе се свртуваме кон убавите теми – како љубовта.

Вашите текстови допираат до сите генерации. Како успевате да останете релевантни и кај младите кои допрва ве откриваат?
-Не се обидуваме по секоја цена да ги следиме трендовите. Пишуваме искрено што чувствуваме, и за наша среќа, различни генерации се поврзуваат со нашите песни. Секогаш ни е драго кога во публиката гледаме и млади луѓе и родители со мали деца кои заедно уживаат.
Опишете ја вашата публика со три збора.
-Разновидна, посебна и гласна.
„Кукла“ стана балкански класик. Дали некогаш ви пречи што секогаш ја бараат на концертите?
-Секако дека не пречи. Прво и основно, благодарни сме што имавме можност да создадеме песна која ќе нè надживее. Секојпат е задоволство да ја изведуваме заедно со публиката. Да се оствариш на таков начин како уметник е непроценливо.
Кога не сте на сцена, што ве полни со енергија, тишината, патувањата или луѓето и улиците од кои црпите инспирација?
-Сите тие работи. Кога не сме на настапи, сакаме мир, осаменост или време со драги луѓе. Пешачeњaта во природа и патувањата до интересни дестинации се исто така нешто што го сакаме и што ни ги полни батериите по напорни турнеи.

По Скопје и актуелната турнеја, што може публиката да очекува од САРС во 2026 година?
-Следната година славиме 20 години од формирањето на бендот, па затоа во план имаме неколку интересни проекти кои сакаме да ги реализираме до крајот на оваа и во текот на следната година. Не би откривал премногу детали, но многу брзо ќе дознаете што ви подготвуваме. Следете нè на социјалните мрежи за да бидете во тек со тоа што „се готви“ во САРС кујната.
П.Р.






