„После самостојните излагања во Париз и Венеција минатата година како и во и Австрија и Италија минатите години, оваа година се претставува со една исклучителна изложба која што дел беше претставена во Музеј на град Скопје, а на 1 август ќе биде поставена во Куќата на Робевци во Охрид“, информираат од Завод и Музеј – Охрид.
Куратор на изложбата е Маја Чанкуловска, виш кустос при Националната Галерија од Скопје, додека критички осврт и текст за изложбата имаат напишано Камило Ракана, куратор од Париз и Маја Чанкуловска-Михајловска.

„Проектот на македонскиот уметник Сашо Блажес насловен „Нурни во мене“, уште во самиот наслов посочува на длабоко личен, но, во исто време, и философски процес на осознавање на нештата кои се наоѓаат во ‘длабочините’. Свесноста за истражување на слоевитостите зад појавноста или она што се наоѓа под/позади првичната појавност, се должи на љубопитноста и фасцинацијата на авторот од мистериозното, без оглед дали станува збор за неистраженоста на она што не опкружува – природа или универзум, или она што се наоѓа длабоко во човекот. Феноменот човек или себство, веројатно содржи немерливи димензии како универзумот, а податоците за овие простори (универзумот и човековиот мозок) говорат за минимална процентуалност на нивната истраженост. Следствено, сликите од циклусот ‘Нурни во мене’ секоја за себе и сите заедно може да се толкуваат и како метафора за одреден вид мултиверзум, односно хипотетички збир на универзуми, бидејќи говори за сè што постои: целината на просторот, времето, материјата, енергијата, информациите и физичките закони и константите кои ги опишуваат или пак ‘напоредни универзуми’, термини кои се присутни дури од грчката филозофија“, посочува Чанкуловска-Михајловска.
Сашо Блажес е роден во 1980 година во Охрид, каде живее и работи. Дипломирал во 2006-та година на Универзитетот за ликовни уметности во Букурешт, Романија, како еден од најдобрите студенти во својата генерација. За време на магистерските студии (2006-2008) бил вклучен од катедрата за графика во изготвувањето на неколку универзитески трудови од областа на графиката и графичките техники на Универзитетот. Зад себе има реализирано 16 самостојни изложби во Македонија и во странство, а има учествувано на бројни групни изложби во Австрија, Германија, Романија, Шведска, Јапонија, САД, Канада, Италија, Бугарија. Негови дела се наоѓаат во приватни колекции во Норвешка, Франција, Германија, Романија и Австрија.






