Преводот од хрватски е на Владимир Јанковски и е овозможен со поддршка на Фондацијата Традуки и Министерството за култура и медиуми на Хрватска.
Како што соопшти издавачот, „Киклоп“ на Ранко Маринковиќ е едно од најзначајните дела во хрватската литература од 20-тиот век, ремек-дело кое ги спојува модернистичките и постмодернистичките тенденции, интелектуалната длабочина и книжевната виртуозност. Сместен во предвоениот Загреб, за време на месеците непосредно пред Втората светска војна, романот го проучува внатрешниот свет на Мелкиор Тресиќ, млад интелектуалец кој се соочува со наметнуваниот воен ужас и со своите егзистенцијални прашања.
„Во ‘Киклоп’, Маринковиќ блеска со користењето на интертекстуалноста, спојувајќи митолошки, книжевни, филозофски и историски референци, создавајќи богат книжевен универзум во кој се спојуваат Достоевски, Шекспир, античката литература, Библијата и историјата. Преку комплексни дијалози, дигресии, игри со зборови и богатство на стилски вештини, романот ги истражува темите на модерната алиенација и потрагата по смисла во време на анксиозност, бестијалност и неизвесност“, се вели во соопштението.
Ранко Маринковиќ (1913– 2001) e еден од најзначајните хрватски писатели и драматурзи на 20 век. Почнал да објавува пред Втората светска војна – неговата прва драма „Албатрос“ (1939) беше поставена во Загреб.
Најпознати дела на Маринковиќ се збирката раскази „Раце“ (1953), драмата „Глорија“ (1955), во која го критикува црковниот догматизам и романот „Киклоп“ (1965) – полу‑автобиографски роман за интелектуалците во Загреб пред војната. „Киклоп“ беше адаптиран во филм во 1982 година и се смета за еден од најдобрите хрватски романи во сите времиња. Во поголемиот дел од својот живот се занимавал со театар, есеистика и филмска критика.






