Во соопштението се вели: „Со поголема тага отколку што можат да пренесат само зборови, мораме да соопштиме дека нашиот сакан Ози Озборн почина утрово. Тој беше со своето семејство и опкружен со љубов. Ве молиме сите да ја почитувате приватноста на нашето семејство во овој момент.“
На Озборн во 2019 година му беше дијагностицирана Паркинсонова болест.
Тој пред само две недели свиреше на прошталниот концерт на Блек сабат во неговиот роден град Бирмингем.
Облечен или во црно или со голи гради, пејачот често беше мета на групите родители поради неговиот имиџ, а еднаш предизвика и бура затоа што одгриза глава на лилјак.
Тој беше една од најозлогласените фигури во рокенролот: иноватор што помогна во раѓањето на хеви металот, зависник чија злоупотреба на супстанции доведе до обид за убиство на неговата сопруга, а подоцна и ѕвезда на ријалити-шоу, сакана поради неговата збунетост со семејниот живот во емисијата „Озборнови“.
Дебитантската ЛП-плоча на Блек сабат од 1969 година, со исто име, се нарекува „Големата експлозија“ на хеви металот.
Неговата смрт дојде помалку од три недели откако се повлече од сцената.
На 5 јули Озборн повторно се соедини со оригиналната постава на Блек сабат, за прв пат од 2005 година, на „Враќање на почетокот“ – проштален концерт на кој учествуваа некои од најголемите имиња во металот.
„Шест години сум врзан за кревет и немате поим како се чувствувам“, ѝ рече тој на публиката таа вечер, мислејќи на големите здравствени проблеми, вклучувајќи и еден облик на Паркинсонова болест и многу операции на ‘рбетот.
„Ви благодарам од сѐ срце“, додаде тој.
Роден е како Џон Мајкл Озборн во 1948 година во Бирмингем, син на фабрички работници. Имал тешко детство. Освен што живеел во релативна сиромаштија, кога имал 11 години повеќе пати сексуално го злоставувале две момчиња.
„Беше ужасно… Се чинеше дека ќе трае вечно“, рече тој за Мирор во 2003 година.
Беше уапсен и за кражба.
„Не бев добар во тоа. Еб*но бескорисен“, признал во 2014 година.
Работничко-индустриската средина го одреди звукот на последниот музички проект на Озборн, „Блек сабат“, чиј тежок звук направи револуција во британската рок-музика.
„Сакавме да го претставиме она што го мислевме за светот во тоа време. Не сакавме да пишуваме весели поп-песни. Му го дадовме на тоа тој индустриски изглед“, рече басистот на бендот, Гизер Батлер, во 2017 година.
Во бендот, именуван по хорор-филмот на Борис Карлов, беа и гитаристот Тони Џоми и тапанарот Бил Ворд, а својот прв албум го издадоа во 1970 година, по што следуваа албуми што се сметаат за камен-темелници на хеви металот.
„Paranoid“ (1970) содржеше песни што оставија силен впечаток, како „Iron Man“ и „War Pigs“, и се искачи на врвот на британските листи на албуми, додека какофоничната, психоделична звучна палета на албумот „Master of Reality“ (1971) имаше големо влијание врз побавниот звук на дум металот, според Гардијан.
Озборн сними уште пет критички фалени албуми со Блек сабат, но стана толку зависен од алкохолот и дрогата што во 1979 година беше отпуштен и заменет со Рони Џејмс Дио.
Озборн на крајот се врати во бендот за „13“ од 2013 година, кој се искачи на врвот на топ-листите во САД и Велика Британија. Блек сабат тргна и на турнеја, каде што го отсвиреа својот последен концерт во Бирмингем на 4 февруари 2017 година.
Фото: Пиксабеј






