Сложеното, комплексно, иновативно и креативното творештво на Анета Светиева, го поставува нејзиното дело на самиот врв не само на македонската ликовна сцена, туку и на една пиширока платформа која ги преминува границите на регионот.
Во почетокот на седумдесеттите, поинаквите видувања не само на формата, на појавниот облик, туку и на некои суштински прашања во однос кон делото, беа причина критиката да ги дефинира скулптурите на Анета Светиева (веќе во нејзините првични настапи) како дела со јасен концептуален и изведувачки проседе, вон од тогашните вообичаени јазички модели. Тие блескави мигови вон од општите стилски движења и веќе контурирани шеми, создаде еден индивидуален пробив во скулпторската материја. Нејзиниот самостоен пластички исказ кој се наметна со силината на автентичноста надвор од главните актуелни текови, го иницира внатрешното битие на делото, неговата вибрација што реагира на живиот дух на времето како знак на современоста. Внатрешните диктати се генерирани од изворите на нејзиниот интерес за етносот, фолклорот и печената земја како исконските артефаки, како прилози на делување на еманципираниот човечки дух. Нејзиното творештво е во темелен дијалог со етнолошката ризница и обичаите на Балканот и пошироко, врз кои што ги гради сопствените митолошки пејзажи и ги воскрснува колективните митови до степен на универзалното. Во нејзините форми, материјализираната идеја се наметнува со убедливо сведоштво за густо, слоевито преплетување на уметноста на сегашниот миг и оние слоеви кои можат да се разбудат во секој творец. Тој спој е кај Анета реализиран и нагласен и во него е содржан и одговорот на круцијалното прашање за потеклото и слоевитото значење на нејзиното дело. Во каталогот за изложбата во Белград, 1984, Анета кажува: „Моите размислувања, некој флуид … и порано, веќе во првите чекори, беа насочени кон овој свет на митот како автохтоност, автентичност, како мој идентитет искажан со синтагми, со секвенци од разновидните области и начини на сфаќањето на животот на мојот народ, на мојата почва и поднебје. Се е поврзано на некој начин.”
Сугестивните акценти – контурите, цртите на лицето, еротските и метафоричките индикации, ироничните белешки, цинизмот, симболиката и енергијата, страста на допирот, внатрешната напнатост, сетилноста, љубопитноста и играта, истражувачко-експерименталниот порив, задоволството во создавањето… го прават инвентарот на средствата во интеракцијата на погледот и допирот, на обликот, бојата, вдлабнатините и засекувањата, во енергијата која сака да избие. Тие зборуваат за најдлабоките човечки страдања и стравови и за елементарните животни задоволства и радости, за љубовта, но и за насилството и за смртта, за обидот да се надвладее стравот, ги отвораат вратите кон она другото, непознатото и никогаш разбрано до крај. Во нив се чувствува некој жив дух кој таинствено лебдее над формите и облиците, над линиите, засекувањата, тактилните траги на прстите што обликуваат стварност по себе. Свртена кон оние теми и вредности што одамна, со векови, биле присутни во живите преданија, во живата фантазија на македонскиот народ, воспостави една магична синтеза меѓу поетиката на руралното и урбаното, на минатото и сегашното, а со тоа го создаде и богатството на нејзината визуелна нарација. Нејзините дела не се искинат фрагмент од светот, туку затворен универзум кој опфаќа една животна зона, еден чист круг кој во себе го содржи сето она што може да постои и надвор од него.
Во наречниците, капачките, обележјата, реките… во Еросот и Танатосот, во Двојниците… не е тешко да се препознаат архетипските слики на стравот, неизвесноста, очекувањата… кои од дамнешни времиња го следат човекот, немоќен да се разбере себеси во светот и да ги објасни силите на природата и на универзумот. Од тие архетипски форми, напластени во сложените слоеви на колективното несвесно, се ослободува тензична, набиена и набабрена психичка енергија која пробива во свеста секогаш кога егото е загрозено, кога доаѓа до нерешливиот конфликт меѓу човекот и опкружувањето. Сите нејзини дела содржат сопствена тајна во судирот меѓу животот и смртта кој прерасна во повисок симбол на нејзината уметност. За неa животот не е оптимистичка егзалтација, како што ни смртта не е светска трагедија; всушност, разликата е мала, речиси безначајна, тоа е судир без победник… Скулптурата на Светиева е оригинална и во најголема мера осамена појава. Може со сигурност да се каже дека севкупното нејзино творештво е создадено во, денес, една заборавена категорија на инстинктивна, ослободена потреба за создавање која не може да се верифицира со вообичаените важечки стандарди за оваа област на уметничкото дејствување.
Во сликањето на животот, на човековите траги во времето и во просторот, ја покажа својата голема дарба: од елементарните животни ситуации врзани за обичаите, навиките, сеќавањата… создаде импозантно уметничко дело чие кажување ве принудува да го слушнете ехото на враќањето кон волшебните светови, кон темелните вредности, и пред нас се појавува едно големо, заокружено и целовито дело, комплетен уметнички одраз на времето, пишува во најавата за изложбата.