„Елегантен концерт” го нарече директорот Гоце Стевковски, на самиот почеток во најавата, она што претходно беше опишано како редок и внимателно обликуван спој и оркестарски звук, кој се проширува и продлабочува, создавајќи нова звучна димензија.
Под диригентство на маестро Џијан Емин, беа изведени авторски композиции од него како и од Трајче Велков, Гордан Спасовски, Зоран Костадиновски, Гоце Стевковски, Сашко Николовски и Георги Шарески, и самите тие и изведувачи, засилени со солистичко учество на Кирил Кузманов на саксофон и флејта, Бојан Цветковиќ на пијано, Кирил Туфекџиевски на контрабас, Антонио Весковски на вибрафон и перкусии, Славко Георгиев на саксофон и гудачкиот ансамбл под раководство на Климент Тодоровски. Од стандардната џез постава овој пат изостана само пијанистот Гордан Спасовски (кој е меѓу тројцата финалисти на Меѓународниот натпревар за биг бенд композиција што го организира џез оркестарот „Милениум“ од Холандија).
Гостинот, гитаристот Шарески, секогаш со задоволство виден кај публиката, сосема се совпадна во звучниот карактер на оваа концертна целина и приказна.
Концертот беше спонтан и со „домашен набој”. Ако се прашувате што значи тоа, тоа значи уметничките џез изработки на нашите џезери беа изведени пред домашна публика, без гостин од надвор, кој сам по себе предизвикува посилен интензитет и електрицитет, а тие речиси секогаш имаат некој светски соработник и(ли) репертоар до потписот на џез легендите.
Овој пат си беше како за нас. Од наше – за нас. Питко, тивко, олабавувачки. И се разбира – магично. Зашто поинаку и не може и не би имало смисла.

Сакам да речам – си бевме сите наши, затоа што кај џезерите, за чудо, да ги слушаат доаѓаат и многу други музичари и најмногу новинари (редовно по дваесеттина), истите тие најчесто дури и со своја придружба, бидејќи џезерите се, ајде малку споредено, и нашето злато (како вредност) и сребро (како сјај) и бакар, во онаа смисла на спроводници на добра енергија и никој не сака да ги пропушти нивните концерти.
Што слушнавме овој пат? Класичен џез концерт, на моменти со многу мали примеси на рок, фанк и малку етно, и композиции со наслов: „The Miller Man”, „Why That So”, „Фанкче”, „Надвор од времето”, „Bellisima”, „El Matador”, „Потоа”, “Дрлка”, „Acidic Water”, „Марш на в’нка”, „Да живее Среќната Нова година”. Единаесет извонредни нумери и бис „Четврт ока”.
Полни со дух сите тие, секогаш умеат да расположат музички, додека пак диригентот Џијан Емин и говорно и анимационо, кој на овој настан му даде и една друга димензија (животна, филозофска). Имено, за „Марш на в’нка”, на која е и автор, објасни:
„Најжална композиција за вечерва. Песнава е всушност посмртен марш, којшто има потенцијал за…за успех. Смешно звучи, но има дури во средината, еден ентузијастички наплив, дека можеби ќе се спасиме, ама изгледа нема …
Така шеговито кажано смртта во нашите мисли дури си ја проектиравме како доаѓа во бел капут и со бела птица во рака… дел од животниот процес, но дел и од џезот овој пат како композија и изведба која измами аплаузи.
Следната порака следуваше кај самиот крај со последната нумера „Да живее Среќната Нова година”, создадена и така насловена затоа што во текот на годината преку дружби славеле „Нова година” над 50 пати, и на бисот со „Четврт ока”, за која Џијан рече била стара мерка за тежина, којашто ја користиме и за мерење на правдината (во преносно значење).
И ние со „четврт ока” го измеривме и овој џез концерт, кој значеше уште едно возбудливо музичко доживување, забележано и од камерите на Македонската радио телевизија, што ќе значи наскоро ќе стане и пошироко телевизиско задоволство за публиката, кое вреди (повторно) да се погледне и ислуша.
Валентина Ѓоргиевска Парго






