Атанас Конески, секретар на КЕЦ „Небрегово“ нагласи дека познатата реченица на великанот Блаже Конески „Јазикот е нашата единствена татковина“ е максима за македонскиот идентитет.
„Во рамките на 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, ова е прва книга што ја издава Културно-едукативниот центар ‘Небрегово’ за овој голем јубилеј, инаку е 18-та за Блаже Конески и македонскиот јазик. Книгата е создаденба од трудови по претходен конкурс на сите научни работници од сите институции и на истакнати јавни личности.Посебно го издвојувам текстот на поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан. Тој е текст што дише и прави спој меѓу значајните датуми за Кирил и Методиј, за Климент и Наум и за великанот Блаже Конески. Сето тоа значи дека јазикот е единствена наша татковина. Тој ни е во дневна употреба, во дневна заложба на сите, секаде и од секого“, рече Конески.
Претседателот на Фондацијата „Небрегово“, Максим Каранфиловски истакна дека добро е што го имаме законот за лекторите, но говорниот македонски јазик зависи од нивото на нашата свест.
„Добро е што го имаме Законот за лекторите, но тој не може да влијае кога во живо се употребува македонскиот јазик. Тука треба да се подигне нивото на свеста. Ако во други земји, оној што настапува јавно и ако зборува на дијалект или разговорно, тогаш тој се смета за неписмен. Кај нас, никој не води сметка на тоа кој како зборува и колку ги употребува и ги почитува нормите на најзикот. Ако зборуваме кој како ќе стигне, веќе го расипуваме јазикот. Нормално е дека низ годините и децениите јазикот претрпува промени, тоа е природен процес, но културата на говорот, почитувањето на стандардот се норми во секое цивилизирано општество“, рече Каранфиловски.
На промоцијата во родната куќа на Конески во Небрегово, почит му оддадоа од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, од Центарот, од прилепскиот Заводи музеј, од Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, бројни присутни и ученици.
Воедно, со доделување признанија и со почит за двајца великани – Блаже Конески, таткото на современиот македонски јазик и на Пеце Атанасовски, амбасадорот на македонскиот изворен мелос, во родната куќа на Конески, во рамките на манифестацијата „Зборот на Конески“, денеска во Небрегово беше нагласена и важноста на соработката меѓу Културно-едукативниот центар „Небрегово“ и на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Овие две манифестации пред две години потпишаа меморандум за соработка.
„Културно-туристичката манифестација ‘Зборот на Конески’ е значајна и за културниот и туристичкиот развој преку нагласувањето на двата великани, Блаже Конески и Пеце Атанасовски. На Фестивалот во Долнени се слуша Зборот на Конески, а во Небрегово се слуша Гајдата на Пеце. Нема поубаво место од родната куќа на Конески да се направи таков спој- меѓу Зборот на Конески и Гајдата на Пеце“, рече Атанас Конески, секретар на Културн-едукативниот центар „Небрегово“.
Посебна е честа да се нагласат двата великани од плодното долненско поле.
„Нема ништо поубаво да се слуша Зборот на Конески и Гајдата на Пеце во ова плодно долненско поле. Две години поминаа од потпишувањето на декларацијата за соработка. Како што е Пеце Атанасовски за народните инструменти, така е, и уште повеќе, Блаже Конески зам акедонскиот јазик, за граматиката и литературата. Честа е голема да се соработува. А тоа е симболично- првонаградениот од конкурс за Блаже Конески со творба настапува на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, а првонаградениот, најдобар гајдаџија, а годинава е Александар Ангелов од Штип, настапи во родната куќа на Конески во Небрегово“, рече Горан Василески, претседател на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“.
Манифестацијата беше во рамките на промоцијата на книгата на Културно-едукативниот центар „Небрегово“ со трудови за „80 години азбука и правопис на македонскиот стандарден јазик“.






