На настанот во Скопје лично присуствуваа четворица од авторите: Хрисанти Иакову, Ефтихија Кателанаки, Манос Мавромустакакис и Никос Влахакис, истакнати поети, чии песни се застапени во книгата. По случаен редослед, тие читаа извадоци од своите дела, овозможувајќи уникатно доживување и директна комуникација со читателите.
Настанот го отвори заменик-амбасадорката на Грција во Скопје, Кристина Василату, која истакна дека ова не е само претставување книга, туку вистински гест на културно пријателство меѓу двата народи.
„Поезијата ни нуди јазик што ги надминува границите. Оваа вечер е за поетите, за нивните гласови, за нивната визија, која не зближува и ни овозможува да сознаеме дека сме блиски – не само соседи, туку трагачи по значење, убавина и вистина“, порача таа.
Директорот на издавачката куќа „Прозарт медиа“, Дејан Трајкоски, сподели анегдота од Саемот на книгата во Франкфурт каде се родила идејата за независна културна соработка, а се реализирала лани со гостувањето на уредникот на „Вакхикон“, Несторас Пулакос на програмата „Скопје фелоушип“, и со објавување на оваа книга.
„Прочитајте 30 грчки поети како пеат за товарот на осаменоста, удавените зборови, претопувањата на осаменоста со кожата“, порача Трајкоски.
Александар Прокопиев, уметнички директор на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“, се осврна на историјата на поетскиот превод и значењето на емпатијата, нагласувајќи ја улогата на поезијата во надминувањето на животните лавиринти и трауми.
Шефицата на Канцеларијата за јавна дипломатија, Ламприни Марина Колцида, ги потенцираше значењето на поетскиот збор и традициите, најавувајќи го и промотивниот настан во Атина, којшто се случи вчера, во книжарницата „Вакхикон“. На настанот во Атина присуствуваа и голем дел од поетите, а се обрати и советникот на Амбасадата на Македонија во Грција, Борис Мирчевски.
„Културата ги поврзува луѓето, а Северна Македонија и Грција како први соседи имаат огромен потенцијал и простор за соработка во различни области. Современата уметност, литературата, поезијата… се патишта низ кои оваа соработка може да тече во двата правци. Поезијата е особено важна затоа што допира и продира во душите и срцата на луѓето, терајќи ги подобро да се запознаат и да покажат емпатија“, рече советникот Борис Мирчевски во Атина.
На настанот се обрати и грчкиот издавач, Несторас Пулакос.
Препевот на книгата на македонски јазик е на Петар Андоновски. Модератор на настанот беше Борче Николовски.
Настанот беше дел од дополнителната програма на фестивалот „Про-за Балкан“.






