недела, 14 декември 2025

Промоција на книгата Рок ен бит на рок-критичарот Михајло Грбевски-Мишко

Новинарот и рок-критичар Михајло Грбевски-Мишко, утре ќе ја промовира својата прва книга насловена Rock N`Beat. Промоцијата, која е во рамките на културната манифестација Скопско лето, ќе се одвива на платото пред музичкиот салон „До ре ми“ во младинскиот културен центар, со почеток во 12 часот.

Објавено на

часот

Сподели

Настанот ќе биде збогатен и со музичка програма на која ќе настапи познатиот македонски кантавтор Јаков Дренковски. Музичка програма ќе опфати песни од неговиот авторски опус, но ќе бидат изведени и неколку песни од светската рокелрол сцена кои одлично кореспондираат со неговите песни, но и со текстовите од книгата која се промовира.

Книгата Rock N` Beat содржи 50-тина интервјуа со домашни, балкански и странки музички ѕвезди, кои Грбевски ги правел во текот на изминатите години, а биле објавени во повеќе печатени медиуми во кои работел, како што се неделникот „Екран“, дневниот весник „Време“ и неговиот неделен прилог „Ритам“ како и во „Нова Македонија“.

„Оваа книга е мое прво публицистичко дело, во кое се обидов да ги соберам и да ги објавам моите текстови што сум ги пишувал со голема љубов. Интервју е едно од најубавите, но воедно и најтешките новинарски форми, во кои навистина уживам во работата. Rock N` Beat е само почеток на она што имам намера да го правам во текот на наредните години. Во план ми е да објавам и книги со други новинарски форми, како што се рецензии на концерти и музички албуми“, вели Михајло Грбевски-Мишко.

Ова е второ издание на книгата Rock N` Beat, кое за разлика од првото е дополнето. Текстовите се исти, но овој пат во книгата има и фотографии од соговорниците со кои Михајло правел интервјуа.

Книгата е поделена на четири поглавја: Рок-пролет, Вечен бунтовник, Валкан Балкан и Звукот на подземјето. Во првиот дел се вклучени музичари од постарата генерација, кои практично го трасираат патот на македонската рок сцена, како Армен Сурмејан, Гарабет Тавитјан, Влатко Стефановски, Горан Трајковски… Делот Вечен бунтовник, вклучува интервјуа со светски музички ѕвезди од калибарот на Рони Ротен од групата „Секс пистолс“, потоа Јан Гилан од „Дип парпл“, Дејвид Ковердејл од „Вајтснејк“, Били Гибонс од „Зи-Зи Топ“, џез гитаристот Ал ди Меола и многу други. Интервјуата со музичарите од нашето блиско соседство може да се прочитаат во делот Валкан Балкан. Тука се Душан Којиќ-Која од „Дисциплина кичме“, Зоран Предин од „Лачни Франц“, Милан Фрас од „Лајбах“, Давор Гобац од „Психомодо поп“ и други.

Послениот дел Звукот на подземјето, е резервиран за македонските андерграунд бендови како „ТБ Трачери“, „Културно уметнички работници“, „Суперхикс“, „Санаториум“, „Смат“, „Верка“. Но освен рокерите, тука има и рапери и џезери како што се „Чиста околина“ и Владан Дробицки од џез-составот „Сетстат“.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ