Како што соопшти Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ, Бранислав Русиќ ги вршел своите теренски истражувања во Преспа во периодот по Втората светска војна, „време кога селското и земјоделското население забрзано почнало да бележи опаѓање, а миграцијата село-град да се засилува“.
„Оттаму, неговите истражувања денес претставуваат мошне вреден историски извор за проучување на локалната историја, на секојдневниот живот, миграциите, промените во етничката и демографската структура и сл.“, наведува Институтот.
За проф. Ѓорги Здравев, автор на изданието „Етнографски материјали“, Институтот посочува дека е еден од најголемите познавачи на македонската народна носија, уметник и костимограф, некогашен професор на Институтот за етнологија и антропологија.
„Во втората половина на 20 век, тој се вбројува меѓу ретките истражувачи и теоретичари на етнографските и естетските карактеристики на македонската народна носија и целокупното текстилно народно творештво. Овие белешки од неговите бројни теренски истражувања низ Македонија ни даваат увид во начинот на неговата работа, но и податоци за социокултурниот контекст од што може да се увиди општествената функција на облекувањето“, информира Институтот за етнологија и антропологија .
Промотори на изданијата ќе бидат Славица Христова, етнолог од Музеј на град Скопје, Јанис Манос од Универзитетот „Македонија“ во Солун, и Миладина Монова од Бугарската академија на науки од Софија.






