Автор на книгата е Јасмина Кантарџиева Димков, а илустрациите се изработени од уметницата Викторија Попоска. Изданието опфаќа седум тематски целини, секоја збогатена со илустрации кои ја приближуваат содржината до детската перцепција, со цел на достапен и едукативен начин да се пренесе животната приказна на светителката.
Според уредникот на книгата, отец Александар Димоски, мотивацијата за создавање на ова дело произлегла од потребата содржините од духовното и културното наследство да станат разбирливи, блиски и инспиративни за децата.
Се работи за прво житие адаптирано за деца на светител канонизиран од Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
„Можеби не многу голема по обем, но непрегледна по содржина, неоценлива според значењето и благословена во намерата, сликовницата ‘Светило на врв планина’ сигурно ќе стане нечие детско Евангелие“, вели отец Александар Димоски.
Настанот е отворен за јавноста. На промоцијата, покрај авторките, за книгата ќе зборуваат писателката Верица Мукоска и отец Александар Крстаноски.
Инаку, промоцијата се одржува симболично на 25 мај, ден кога за првпат ќе се одбележи споменот на светите исповедници Спасе Вевчански и Спаса Вишенска, по нивната канонизација во 2023 година.
Книгата „Светило на врв планина“ е реализирана со поддршка од Министерството за култура и туризам на Македонија.