„Ова е моја втора претстава во Турција, по истанбулската „Ромео и Јулија“, која беше прогласена за најдобра претстава на годината. По реакцијата на премиерната публика и новинарите, мислам дека ‘Ана Каренина’ е претстава која ќе има долг сценски и фестивалски живот. Доказ за тоа се и првите пет комплетно распродадени изведби. Заедно со мене во Државниот театар – Ван беше и мојот авторски тим, кореографот Олга Панго, сценографот Валентин Светозарев и композиторот Горан Трајкоски“, изјави режисерот Пројковски по премиерата.
На настанот присуствуваше и директорот на Македонскиот културен центар во Истанбул, Диме Ратајкоски, кој ја истакна важноста на ваквите соработки кои водат кон продлабочување на културните врски меѓу Македонија и Турција.
„Театарот отсекогаш бил простор на дијалог, емоции и идеи. Вечерва, преку оваа маестрална адаптација на безвременската приказна на Толстој, уште еднаш се потврди дека уметноста не познава граници. Македонскиот и турскиот театар имаат богати традиционални врски, а ваквите соработки се сведоштво за заедничката желба да се создава уметност која инспирира, поврзува и остава трага“, изјави Ратајкоски.
Претставата „Ана Каренина“ продолжува со својата успешна серија изведби во Ван, со распродадени билети за првите пет претстави, што е јасен показател за големиот интерес на турската публика кон оваа турско-македонска театарска продукција. По изведбите во Ван, претставата ќе продолжи да се игра и во театрите во Анкара и Истанбул.