понеделник, 8 декември 2025

Проект на Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет – „Островски: 200 години“

Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ја издаде книгата „Островски: 200 години“, реализиран во годината на 200-годишниот јубилеј од раѓањето на големиот драматург Александар Николаевич Островски, еден од најзначајните светски драмски автори и централна фигура во создавањето и во севкупната историја на рускиот национален театар.

Објавено на

часот

Сподели

Изданието е на лабораторијата за книжевен превод во рамките на Катедрата за славистика и е резултат на истражувачки труд, посветеност и академска љубопитност на студентите и на нивните ментори. Изданието е слободно и бесплатно достапно преку официјалната веб-страница на Филолошкиот факултет во делот „Издавачка дејност“. Автори на преводите и истражувачи се студентите Јован Ковачевски, Фросина Милковска, Бранко Ставровски и Ана Тодорова.

Во 2021 година беше објавена книгата посветена на истоветниот јубилеј на Фјодор Михајлович Достоевски, со која започна овој преведувачко-истражувачки проект. И ова издание е достапно преку веб-страницата на факултетот.

Овие проекти се раководени од Андреј Јованчевски и проф. д-р Биљана Мирчевска-Бошева по нивната заедничка иницијатива со д-р Наталија Лапаева Ристеска. Неговата реализација беше помогната со вклученоста на повеќето наставници и соработници на катедрата, а негови главни носители, заради кои самата лабораторија постои, се студентите на студиската насока Руски јазик и книжевност. „Особено ни е драго што двете книги се објавени и во печатена форма, благодарение на поддршката што ја добивме и која ни овозможи нашиот труд да се материјализира и во оваа сè уште важна, традиционална форма. Благодарност до Амбасадата на Руската Федерација во Скопје за поддршката на печатењето на изданието ‘Проект Островски: 200 години’“, велат од Катедрата за славистика.

„Животот на Островски го зафаќа она историско време кога во вистинска смисла се формира руската театарска школа и се етаблира националниот репертоар. Од педесеттите до осумдесеттите години на XIX век Островски завршува 48 пиеси и повеќе од 700 драмски ликови, преведува дваесетина драмски класици од други европски јазици и остава многу незавршени ракописи и преводи. Во неговото време и под негово влијание сериозно се развива режијата и актерската подготовка, се воспоставува систем на повеќекратни драмски читања и генерални проби, театарот добива значајно општествено внимание и станува структуриран процес. Овој процес понатаму води до настанувањето на низа школи и методи, автори и режисери, чии принципи и дела до денес се земаат како елементарни одредници во драмските академии низ целиот свет. […] Проектот „Островски: 200 години“ ја продолжува студентската преведувачка работилница започната со претходниот проект со истоветен карактер, „Достоевски: 200 години“, кој беше остварен во 2021 година. Оваа сериска работилница ги обединува силите на повеќемина наставници и соработници на Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, и ги става во функција знаењата стекнати преку предметите што се изучуваат: наставата по историја на руската книжевност добива продлабочена смисла преку блиското читање на избраните текстови, лекторските часови по руски јазик и предметите Практика на превод и Контрастивна анализа добиваат практичен предизвик преку преведувачката задача, а корпусот граматички предмети наоѓа примена врз реален јазичен материјал, со што книжевниот превод прераснува во вистинска филолошка лабораторија за студентите. […] Издавањето на оваа книга ја збогатува библиотеката на сопствени изданија на катедрата и ја зајакнува перспективата за продолжување на преведувачката работилница, која во иднина ќе им посвети внимание на други важни книжевни јубилеи и ќе им даде можност за практична преведувачка работа на нови генерации студенти на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје“, се вели во предговорот на уредникот Андреј Јованчевски.

Веќе се подготвува и третото издание од овој проект, посветено на 200-годишнината од раѓањето на големиот фолклорист Александар Никоалевич Афанасјев.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ