„Овој авторски текст на Венко Андоновски, во согласност со стилот и начинот на кој пишува професорот, реферира на ‘Диво месо’ како една многу значајна референца во македонската драматика“, рече Роберт Вељановски, директорот на Драмскиот театар.
Toj соопшти дека ќе поканат десетина театри од Македонија, речиси сите скопски театари, да гостуваат на сцената на Драмски и да го одбележат неговиот јубилеј. Како што рече, веќе се во преговори со театарот од Ниш да игра една претстава, но не се во можност да финансираат гостувања и на други театри од странство.
Вељановски рече дека ДТС работи интензивно деновиве. Утре ќе се одржи премиера на монодрамата „Драми на принцезите – Џеки“ со актерката Трајанка Илиева-Вељиќ, а во тек се и подготовките на „Ова е само крајот на светот“ по текст на Жан-Лик Лагарс на режисерката Теа Беговска, која премиерно ќе биде изведена на 7 март.
Програмата за 2026 година почнале да ја реализираат, рече тој, иако сè уште немаат официјално известување од Министерството за култура и туризам колкав ќе биде буџетот за театарот.

„Лично сметав дека е предолг периодот што ќе го изгубиме до објавувањето на резултатите бидејќи сето тоа оди во согласност со законот – 45 дена по изгласувањето на буџетот и затоа подготовките за премиерата на 7 март ги почнавме многу порано“, – рече директорот на Драмски.
По одбележувањето на јубилејот во април, во ДТС ќе работи босанскиот режисер Дино Мустафиќ, кој ќе ја постави претставата „Федра“ според делата на Жан Расин и Сара Кејн. Сè уште не е прецизирано дали ќе има две одделни претстави или спој на двата текста, но и во двете адаптации една актерка ќе ја игра Федра. Премиерата се очекува на фестивалот Охридско лето.
До крајот на годината ќе излезе и монографија за 80-годишнината на Драмскиот театар – Скопје. Оваа година ќе има два броја од списанието на ДТС, „Театарски гласник“, од кој едниот ќе биде тематски и посветен на актерката и режисерка Тодорка Кондова-Зафировска. Првата претстава, која на 4 март 1965 била одиграна на сцената на ДТС во објектот во кој сега е сместен театарот, била „Богомилска балада“ во режија на Кондова-Зафировска, адаптација на романот „Она што беше небо“ на Владо Малески.
Вељановски информира и за активностите на ДТС во рамките на РУТА (Регионална унија на театрите). Штотуку се вратиле од фестивалот РУТА – Љубљана со две претстави – „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна“ и монодрамата „Кармен“ и рече дека публиката била одушевена од изведбите. Следно РУТА-гостување на ДТС е во Тиват во април.
Во Драмски сè уште нема пристигнато драмски текст на конкурсот за наградата „Горан Стефановски“ наменет за млади автори до 30 години, кој е отворен до 28 февруари. Лани не беше избран добитник на наградата и ако тоа се случи и оваа година, рече Вељановски, со одлука на Управниот одбор на ДТС ќе ги променат пропозициите и веројатно ќе нема ограничување за возраста на авторот на текстот.
„Ако наградата не се доделува, не ја разбирам смислата за нејзиното постоење“, рече Вељановски во врска со оваа награда, чиј добитник треба да биде соопштен во пресрет на 27 април – денот на раѓањето на Горан Стефановски.
На прес-конференцијата Вељановски информира и дека в петок, заедно со директори на други театри, ќе има средба со министерот за култура и туризам Зоран Љутков по реакциите во јавноста за зголемувањето на цената на билетите за претставите.






