„Актерите ја донесоа приказната јасно, моќно и искрено, а публиката ја почувствува тежината и актуелноста на темите што ги отвора Чашуле. Големи честитки за целиот тим за трудот, ентузијазмот и за тоа што со оваа премиера ‘Сцената 105’ доби вистински нов почеток“, напиша на својот Фејсбук-профил министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој ја проследи премиерата.
На режисерот Дејан Пројковски ова му е прва соработка со ансамблот на Театарот „Војдан Чернодрински“ и тоа со претстава, како што вели, која е еден од лајтмотивите, или, голем рефрен во македонската драматургија.
„ ‘Црнила’ зборува за лекциите кои многу тешко ги учи Македонецот низ историјата. Работејќи ја претставата, постојано имав една мисла: ‘Македонец уби Македонец за Македонија’. ‘Црнила’ на Чашуле е еден од текстовите кој го имаме како бреме и секоја театарска генерација, заедно со публиката секогаш се преиспитуваме на истите теми: Што сме направиле и што треба да направиме, или, што сме научиле за некои работи да не се повторуваат. Нашите ликови во ‘Црнила’ малку се заглавени во калта од сопствените пороци и предавство, а од друга страна, се со константен сремеж и поглед кон небото. Тоа растргнување меѓу желбите и можностите ги прави сите да се растегнуваат како жиците на гитарата. Претставата ја работевме без заземање став. И мило ми е што отвора дијалог за тоа дека мора во одредени моменти да имаме заеднички ставови, а црнилата се секогаш во македонската историја како резултат на поделбите“, вели Пројковски.
Во претставата „Црнила“ играа: Сара Спиркоска, Бобан Алексоски, Катерија Чакмакоска-Клинческа, Александар Степанулески, Александар Тодески, Димитар Ѓорѓиевски, Михајло Миленкоски, Илија Волчески. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите се на Марија Папучевска, музиката на Горан Трајкоски, а драматург е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.
Паради големиот интетес претставата „Црнила” во декември ќе биде изведена три пати.






