петок, 3 април 2026

Предавање на Игор Радев за жанровите на класичната кинеска поезија

Класичната кинеска поезија претставува еден од главните поетски изрази во рамките на светската литература, со документирани почетоци од некаде XI век п.н.е. Таа може да се дефинира како оној вид на поетско творештво, кое е изразено на класичен кинески јазик и се придржува на строго дефинрани форми, односно, жанрови, со ним својствена просодија. Предавањето на д-р Игор Радев за жанровите на класичната кинеска поезија ќе се одржи во вторник, 7 април, во амфитеатарот на МАНУ во 13 часот.

Објавено на

часот

Сподели

Древнокинескиот (古漢語: ку̌ ха̀н ју̌), а воедно и класичниот кинески јазик (文言文: ве́н је́н ве́н) како лингвистички носител на поезијата во голема мера ги определува нејзините просодиски особини. Станува збор за типичен изолативен јазик со крајна аналитичност, чии зборови не познаваат какви било морфолошки измени и се воглавно едносложни, при што граматичкото значење се образува, пред сѐ, преку синтактички и контекстуални средства, додека фонолошки се одликуваат со
тоналност, а во пишан облик се изразува преку кинеското писмо (漢字: ха̀н цѝ’), кое е од логографски тип.
Постојат шест основни жанрови на класичната кинеска поезија:
1) 詩 (шӣ’), односно: „класични песни “, „песни по класичен образец “– ова е најраспространетата поетска форма во историјата на кинеската литература, која се одликува, пред сѐ, со ползување на подеднаков број на слогови по стих, а стиховите се распределени по строфи чија должина зависи од метричката стапка. Најстар пример на овој поетски облик е древната Книга на песните (詩經: Шӣ’ Џӣнг). Просодијата на
овој тип песни се гради со помош на ритмичко подредување на тонот на зборовите со стихот во содејство на неговата должина, а се користи и рима. Постојат многу подвидови на овој поетски жанр.
2) 詞 (‘ци́’), односно: „песнопенија“ – својствено за ‘ци́’ (詞) поезијата е тоа што песните од спомнатиов вид се градат на тој начин што стиховите се вметнуваат во готови рамки поставени од дадени мелодии, напеви, на веќе постоечки песни, при што, за разлика од шӣ’ (詩) поетската форма, стиховите во песната не се рамносложни, но сепак се фиксни. Сложената тонална метрика заедно со римите се определени во
однос на мелодиите, кои треба да бидат „пополнети“, та за секоја поединечна мелодија се случува да има по неколку типа метрички стапки.
3) 曲 (‘чју̌), односно: „припеви“, „арии“– и тука имаме прикачување на разносложни стихови во фиксни тонални метрички стапки и рими на веќе постоечки мелодии. Разликата е во тоа што при одредени околности бројот на слогови во даден стих може да се зголеми, но без да се смени метричката структура. Исто така, репертоарот на мелодии што служи како основа за ‘чју̌(曲) поезијата е различен од оној за ‘ци́’
(詞) формата. Особеност за овој жанр е што најчесто бил користен во драмски остварувања.
4) 賦 (фу̀), односно: „распеви “, „рапсодии“– оваа поетска форма во очите на класичната кинеска книжевна теорија стои на границата помеѓу поезијата и прозата, од причина што спомнатиов тип на поетски остварувања бил предвиден само за рецитирање, но не и за пеење со музичка придружба, додека стиховите може да се римуваат, но и да се изменуваат со прозен текст.
5) 騷 (са̄о), односно: „елегии“ – станува збор за подражавање на стилот исползуван од страна на древниот поет ‘Чјӯ Јуе́н (屈原; 343-278 п.н.е.) во неговата прочуена поема Скрб разделна (離騷: Ли́ Са̄о), која е напишана во шестосложни стиховни парови, при што обично двата члена од парот се разделени со извик.
6) 樂府 (јуѐ фу̌), односно: „балади“ – станува збор за поетски жанр со потекло од народниот мелос за време на династијата Ха̀н (漢: 206 п.н.е.-220 н.е.), чии песни изворно биле фиксирани со стриктни метрички стапки за мелодиите од народното творештво и биле предвидени за музичка изведба, но подоцна музичко-сценскиот аспект постепено бил занемаруван.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ