Мими Ѓоргоска Илиевска, директорка на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб вели дека потпишувањето на овој Меморандум претставува важен чекор во зајакнувањето на културната соработка меѓу двете земји.
„Македонскиот КИЦ во Загреб игра значајна улога во поттикнувањето и продлабочувањето на соработката меѓу македонските и хрватските институции во интерес на промоција и афирмација на културните вредности на двете земји“, изјави Ѓоргоска Илиевска.
Целта на Меморандумот е зајакнување на меѓународната соработка меѓу двете институции преку презентација и промоција на уметничкото и културното наследство на Хрватска и Македонија, како и развој на заеднички и индивидуални програми.
„Ова дополнително ги зајакнува капацитетите на двете институции со посебен акцент на поврзување на нивните богати фондови, од историски колекции до современа уметност и уметнички занаети“, кажа Ѓоргоска Илиевска.

Директорот на Националната галерија на Македонија, Али Синани, верува дека потпишувањето на овој Меморандум ќе овозможи размена на знаења и искуства и ќе отвори нови можности за вмрежување меѓу македонските и хрватските културни работници и уметници.
„Особено сме задоволни што оваа година ќе реализираме две изложби во Македонија, со што веднаш ќе ја трансформираме оваа соработка во конкретна и видлива културна програма за публиката во двете земји“, рече директорот на загрепскиот Музеј на уметност и занаети, Сањин Михелиќ.
Воспоставената соработка со загрепскиот Музеј за уметности и занаети ќе се конкретизира преку низа идни проекти, меѓу кои веќе во октомври и ноември оваа година се издвојуваат две значајни изложби – „Менче Спировска: визуелни фасцинации на Загреб“, во галерискиот простор Мала станица на Националната галерија на Македонија во Скопје и „Арсовски – фотографи“ во Музејот на град Скопје. Овие изложби на Музејот за уметности и занаети минатата година беа претставени пред хрватската публика во македонскиот КИЦ во Загреб.

„Оваа иницијатива ја потврдува важноста на меѓународното вмрежување на културните институции и придонесува за развој на поквалитетни и поразновидни културни содржини достапни за пошироката публика“, истакна Маја Крстевска виш кустос и програмски раководител.






