Со своето долгогодишно творештво, Завков остави значаен белег во македонската изворна и новокомпонирана народна музика, создавајќи композиции и ора кои денес се дел од колективното музичко наследство. Неговиот препознатлив стил и виртуозност придонесоа народната музика да добие нова уметничка димензија и да остане жива низ генерации музичари и публика.
Програмата на концертот вклучува избрани вокални и инструментални композиции од опусот на Завков, во нови аранжмани на врвните аранжери Дамир Имери и Дарко Илиевски, изведени од специјално оформен камерен оркестар. Концертот дополнително ќе биде збогатен со настапите на специјалните гости: Наум Петрески, Зуица Лазова, Сузана Спасовска, Горан и Ленче Кукиќ, како и Дино Имери на пијано и Катарина Броња на флејта.

„’Миланова игра’ претставува исполнување на една од неговите последни желби – неговата, но и македонската народна музика, да добијат нов живот во современ формат кој ја задржува нивната автентичност, а истовремено им дава нова уметничка димензија. Токму преработката на ‘Ревиско оро’, во изведба на Дино Имери, беше инспирацијата за оваа идеја. Со овој концерт сакаме да ја исполниме таа негова желба и повторно да ја донесеме неговата музика пред публиката“, велат од семејството Завкови.
Картите за концертот се достапни на mktickets.mk .






