недела, 14 декември 2025
Жална вест

Почина мултимедијалниот уметник Сократ Лафазановски

На 5 октомври, во 86-та година од животот почина Сократ Лафазановски (1939-2025), сликар и балетски уметник, голем борец за македонските правдини, Македонец од генерацијата на насилно прогонетите деца за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година.

Објавено на

часот

Сподели

Сократ Лафазановски е роден на 11 септември 1939 година во село В’мбел, Костурско, Егејскиот дел на Македонија. За време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година на деветгодишна возраст, во 1948 година, со семејството пребегнал во Романија. Во Букурешт завршил училиште за применета уметност – сликарство и балетско училиште, а дипломирал ликовна уметност на Педагошката академија во Скопје.

Покрај професионалната сликарска дејност, цели 14 години бил професионален балетски уметник во Операта во Брашов (Романија) и Македонскиот народен театар во Скопје.

Како сценограф има изведено преку 25 оперски постави, оперети, класични балети и претстави за деца. Работел и како ликовен педагог.

За 35 години уметничко творештво, Лафазановски има насликано околу 1.200 уметнички дела изведени во масло, акварел и пастел. Од нив, 600 се наоѓаат во Скопје, 200 се подарени на установи, пријатели и љубители на убавата уметност, а останатите се во други земји: Србија, Црна Гора, Романија, Италија, Австрија, Германија, Франција, Данска, Австралија и Грција.

Бил член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

Лафазановски беше погребан на 7 октомври 2025 година, на  градските гробишта Бутел, во Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ