Во рамки на турнејата како што информираше претседателката на здружението Перса Стојановска Фолклорната група „Копачка“ која е носител на изворното оро „Копачката“, впишано во репрезентативната листа на нематеријалното културно наследство на човештвото на УНЕСКО, ќе има осум концертни настапи на различни локации во Загреб.
„Членовите ќе го презентираат фолклорното богатство на Пијанечкиот крај преку песни, ора и обичаи од нивниот оригинален репертоар. Во рамки на фестивалската програма, групата ќе учествува и на панел-дискусија во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Загреб на тема, ‘Нематеријална култура и идентитет: Хрватски и македонски елементи на листите на УНЕСКО’“, истакна Стојановска.
На фестивалот учествуваат фолклорни ансамбли од Костарика, Грузија, Франција, Италија и Бугарија, вклучително и познатите „Бистрички баби“, со кои „Копачка“ имала заеднички настап во Скопје пред 12 години
„Меѓу учесниците ќе бидат: м-р Мими Ѓоргоска Илиевска, Весела Честоева и Ивона Опетческа Татарчевска од Министерството за култура на РСМ, д-р Мирела Хроватин и д-р Твртко Зебец, директор на фестивалот и експерт за нематеријално културно наследство на УНЕСКО“, информираа од ЗФГ ,,Копачка”.
Како што додадоа тие организаторите изразиле особена чест и задоволство што по речиси 50 години, на фестивалската сцена повторно ќе настапи Фолклорната група „Копачка“ с. Драмче, Делчево, која со својата уметност ќе ја претстави општина Делчево и Република Македонија на еден од најреномираните европски фолклорни фестивали.






