Сѐ до 8 декември 2025 година, кога таа (не)замислена желба некој ја изведе подобро и од мене самата.
Јасно е ко бел ден, вакви ексклузивни остварувања веќе некое време ни прават Националниот џез оркестар (пред тоа наречен ЗЏМ), нѐ подигнаа до најактуелните „левели” и нѐ разгалија до тој степен што веќе очекуваме секој следен концерт да е светски и да одат сѐ погоре и погоре, односно тоа веќе и да се подразбира по дифолт. Со нив веќе она (најчесто и флоскула) „Скопје е центар на светот” навистина добива смисла. Не дека насекаде на планетава секојдневно не се прават врвни концерти и културни настани, зборувам за концептот, селекцијата и динамиката со која тие делуваат- тоа го докажува тоа.
И, откако летово ни го донесоа еден Дони Меккаслин, соработник дури и на „врховниот“ Дејвид Боуви, како да ја повлече ногата и за следните музички јунаци од типот на Курт Роузенвинкел, Зиги Фајгл и Луис Бонила (двајцава и претходно ги имавме видено), потоа нивните настапи со Мариа Мендеш во Сплит, со Шеон Кути во Охрид, на Скопски џез фестивал, Есенски музички свечености, европска турнеја и навистина јас немав идеја што би можело да биде следно, но да биде барем рамно на споменатово, а добивме и подобро. Барем за нас овде на овој простор, кои сме желни и да се потсетиме на својата младост и да уживаме во нешто што за нас в душа не поминало и нешто што никако и никогаш веќе нема да биде надминато од природната интелигенција на артист (за вештачката не би знаела што ни подготвува).

Да, на нив тројцата алудирам Влатко, Дарко и Рамбо (е сега намерно ги подредив по овој редослед), тие тројца на ист микрофон, тоа веќе не е концерт туку како што рече еден драг Таше- фестивал, или подобро „фешта“, спектакл или парче историја.
Историја на една младост која заминува и која (сака да) остави своја забележаност. Велам историја затоа што тоа што тие го изведоа, е создавано пет децении во низа. Задоволство создавано со децении, а нам сервирано вечерта на мезење на тацна (Влатко „постои” од 1 јануари 1976 година, кога ја основаа „Леб и сол” и намерно го земам овој датум за официјален, зашто ни отсвири нивни теми како „Бистра вода”, секако „Таласна дужина”…).
Го следам времепловот и на ред ми доаѓа Дарко, кој е симбол на периодот кога прочуениот југословенски рокенрол беше најјак и врвен, а дестилиран и во најинтелектуална варијанта прикажан од Дарко и групата „Хаустор”.
А, Рамбо, се појави токму во мое време, на почеток на деведесеттите, по распадот на таа братска Југославија (музички сѐ уште постојна како „братска“, само просторно фиктивно непостојна) и беше чудо да не се скока на „Џемо”, „Женееее”, „Чобане”…(кои овој пат „јебига, Рамбо” не ги отсвири, затоа што времето на располагање од нецел час беше премало, а и програмата му беше постегната).
***
Втората вивисекција и паралели ја правам како на сензибилитети и тука Дарко е оправдано прв со моја биографска причина.

-Дарко Рундек! Ако своевремено беше некој директен ривал на извонредниот Џони Штулиќ и неговата елегантната рок-интелектуалност, Рундек можеби не би ми станал (по)близок, само поради (основаната и би текла оправдана) уметничка ароганција и надменост, што ја има задржано и до ден денес во иста варијанта, но (ме) победи со „Шејн” (филозофијата), (и „Ена”), и за малку, кога се сретнавме после концертот како што бев занесена ќе пропуштев да му го кажам најглавното – дека во раните деведесетти јас всушност првиот чекор како многу млада самостојна новинарка го направив со него. Мојот прв изговорен стих во етер во Радио Охрид, во мојата прва емисија и сите следни „Јас и второто јас”, почнуваа со „Шејн” која ја рецитирав на македонски јазик, со музички фон во заднина, малку изменето и одеше вака: „Јас целиот свој живот сонувам како заминувам низ река со стар параброд што вози, и дека носам една стара непрежалена љубов, тенка долга гитара и неколку мамузи од злато”, со толку треперлив детски глас што мислиш секој миг ќе се стопам и исчезнам ко снегулка.
Го прашав и рече дека нема да ми бара авторски права, а емисиите бидејќи ги имам, ќе го поканам да ги преслушаме заедно.

-Рамбо пак е „скроз на скроз” моја крвна група. Тој е мангуп кој умее да се снаоѓа (на дозволени варијанти) типичен за периодот во кој се градеше и ќе те извади од памет со својот апла балкански вид на интелегенција и посебна итрост, надграден со некој сенс сѐ да забележува со остро око и сето тоа да го опее „поштено” меко шеговито, прифатливо, постојано ни раскажува кои сме, што правиме и до каде сме, и така не „зачарува” три децении.

-Влатко Стефановски! Ме освојува со својата искреност, кај него нема трикови и фолиранција во музиката, има генијалност, а неговите емоции се секогаш на видик. Знам, знам дека да не беа текстовите од брат му Горан, ѓеврекот и какаото немаа да ни се засладат толку и магијата немаше да се фати, ама неговата гитарска виртуозност, како и да земеш, е нешто што остава без здив.
***
За четирите во еден концерт (трите на уметниците и еден на НЏО) не знам дали е паметно да се раскажува, за нешто што едноставно мораш да го доживееш на самото место, инаку нема смисол.
Не пуштив „лајв” како обично за сите да видат, затоа што тоа автоматски беше блокирано во салата, снимив, но сепак не објавив. Кој сакаше дојде и некако ќе го сметам за приватен концерт за мене и за мојата генерација, со кој се повозивме низ децениите наназад, и тоа така сакам да ми остане во мојата меморија.
Заврши концертот се враќам во сегашноста и заминувам во филхармониското кафуле на дружба.
***
Третата вивисекција ја направив токму таму, неочекувано, во разговор во живо со младиот џезер Никола и тоа откако случајно седнавме надвор да помуабетиме на маса. Ми раскажува дека ги прашувале – „Од каде па сега вие излеговте и што го прави оркестарот, факт, најомилен?”.
Му објаснувам тоа што го преврти времето наопаку. Ако некогаш сѐ што беше за публика доаѓаше сепак преку некоја директива од врвот надолу, сега се случи обратното- нешто што никна од долу па нагоре, како цвет на асфалтот. И стана избор на публиката. Таа го градеше. Чекор по чекор. Без да ѝ го наметнуваат. Природен тек на нештата. Сите се тие маестрални уметници, но приказната се создаде по природен пат.
Како и овој концерт. На тројцата мускетари. Велам мускетари бидејќи се движеле по различни друмови и конечно се сретнале на точка на која што треба. Преку нив се сретнаа и времињата. И се ракуваа. Времињата кои му ги објаснував на Никола, во неколку реченици…и фреквенциите кои кога ќе достигнат максимум (доволна зрелост) сами се пронаоѓаат и спојуваат едни со други.
***
Јас веќе сум изморена три дена потоа. Играв в место, ама не изморена толку од тоа, од вложена енергија. Најсреќно бев сместена на првото седиште во првата ложа кое дава и најголема лежерност и можеш да видиш и кој влегува, а „несреќно” затоа што во Филхармонија на тоа место не можеш да станеш и танцуваш кога ќе ти се „откачи” и последниот штраф што те држи мирна, отколку да бев во последен ред (освен на оние настани кога таа салата се трансформира чиниш кафеаната „Лисабон”)… Ама сега некако сите што беа таму, таа некоја моја плус минус средовечна генерација „држеше ниво на сериозност”.
На „Скопје” имаше млак обид од неколкумина за мало размрдување, кога Рамбо на Влатко му упаднаа на сцена со туба, а и со Дарко, ама спласна затоа што не се создадоа услови за масовно танцување.
Мене на „Ена” ми дојде да рипнам особено на таа нејзина „плава сјена” што се забележува во нејзините црни очи, што од оваа временска дистанца ми станува сѐ појасно што значи. На „Македон” и „Руке” бев послободна со рацете отколку на „Шејн” и „Шал од свиле”…ама сепак недоволно.
Е, ама да шизнам на „Као какао”, е, тоа никој кај мене не можеше да го спречи, а додуша и во сета сала, сите рипнаа, зашто сите се почувствуваа секој свој си на своето и свој меѓу своите.
***
Рамбо рече дека еден е (Рамбо, се разбира) Гоце Стевковски-директорот, еден е Емин диригентот, еден е Националниот џез оркестар, само уште да додадам една е и мојата младост, кој таа вечер се врати да ми заблагодари што сум ја потрошила совршено добро и за неа да не жалам штом сум знаела дека треба да го следам патот до “Тимот на непобедливите”, кој завршува со ваков историски концерт.
Тоа го рече и директорот во самата најава.
Не е претенциозно.
Историски е!
И, ништо не беше матно како во какаото на Влатко, кое како логичен след и најјака точка дојде на самата кулминација/ делуриум на крај (не затоа што „мораме” да си ги цениме вредности, туку затоа што навистина беше за ценење, Нештото со кое требаше да се затвори ноќта).
Беше тоа спој на разни времиња, димензии и вредности кои остануваат како такви заковани на свое место засекогаш, беше тоа Влатко фраерот од седумдесеттите, Дарко фраерот од осумдесеттите, Рамбо фраерот на деведесеттите и Националниот џез оркестар – фраерот на Македонија!
Валентина Ѓоргиевска Парго
фото: Маја Аргакиева






