„Како што и ветивме, како тим кога дојдовме на позицијата да раководиме со Народен театар Битола, дека акцентот ќе биде на македонските автори на македонската драматургија и на македонските креативци и театарски работници, така и остваруваме. Минатата сезона ја започнавме со премиера праизведба на Жиголо по текст на Игор Кузмановски во режија на Благој Мицевски. Оваа 2026та на мое огромно задоволство ја започнуваме со повторно праизведба на романот на Петре Димовски ‘Пламенка’. Тоа зборува дека во континуитет сме доследни“, изјави директорот на НТ Битола Васко Мавровски.
Тој информираше дека конечно Народен театар Битола излезе од темнината. „За прв пат после долги години имаме позитивно салдо, благодарение на премиерот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, со директна финансиска помош од два милиони денари и со наши сопствени средства некаде повеќе од 2,5 милиони денари, успеавме долгот којшто верувајте многу долго време ни тежеше да го анулираме. Успеавме да го зголемиме бројот на публика од 17 на 34 илјади. Успеавме да го зголемиме бројот на изведби на претстави од 87 да ја стигнеме бројката 187. А полните сали и интересот на битолчани за театарот е само уште еден мотив и оваа година да продолжиме да работиме посветено, како што работевме минатата година. И сакам да ја искористам приликата на сите 69 вработени во Народен театар Битола од срце искрено да се заблагодарам, бидејќи трудот којшто секој еден од нив поединечно го вложи, верувајте, беше огромен бидејќи правевме нешто за коешто треба малку повеќе време да помине за да може и да се реализира. Имаме рекорден број на премиери во историјата на битолскиот театар. Тоа се тринаесет премиери во неполни дванаесет месеци“, рече Мавровски.
„Пламенка“ од Петре Димовски е приказна за жената што не прифаќа да згасне .
„За мене авторот Петре Димовски, е еден од најголемите македонски автори, голем романсиер, исклучителен раскажувач, кој целиот свој животен век и цело свое пишано дело го посветил на луѓето од битолскиот крај, на битолската жена, на трагедиите што се случувале во нашиот крај, на војните, на преживувањето на нашето население. Неговите приказни се исклучително емоционални и многу потресни и работата врз ова дело за сите нас беше чест и привилегија. И многу се радуваме што Петре е меѓу нас и што ќе си ја види својата претстава на сцена. И мислам дека тоа е исклучително важно да се негуваат живите македонски автори, посебно живите битолски автори“, изјави режисерката Ристевска Петрушева.
Драматизацијата на романот ја направи Билјана Крајчевска.
Во самата изработка на претставата огромен дел има КУД Илинден: Филип Стефановски, Давид Балтовски, Виктор Крстевски, Петар Драгарски, Теодор Николовски, Огнен Радуловиќ.
Во претставата играат: Маја Андоновска Илијевски, Викторија Степановска, Катерина Аневска Дранговска, Вероника Ефтимова, Валентин Дамчевски.






