Во текот на разговорот разменети биле мислења за значењето на културната дипломатија и за потребата од создавање нови простори за соработка и уметничка размена. Двајцата соговорници ја истакнале важноста од негување на вредностите што ги обединуваат луѓето преку културата и уметноста, особено во време кога креативноста и духовноста играат клучна улога во градењето на современото општество.
„Посебен момент од средбата беше гестот на маестро Камџалов, кој на проф. д-р Пејковски му ја подари својата книга ‘Звучни светови’. Делото претставува значајно сведоштво за неговиот уметнички и филозофски поглед кон музиката и животот, во кое тој ја разработува идејата за длабоката поврзаност меѓу музиката, филозофијата и науката. Преку ова дело Камџалов ја споделува својата визија за музиката како универзален јазик што ги надминува границите и ги обединува луѓето во заедничко духовно искуство“, велат од македонскиот КИЦ во Софија.
Јордан Камџалов се вбројува меѓу најзначајните диригенти на својата генерација и е широко признат на меѓународната музичка сцена. Неговата кариера е обележана со бројни успеси и соработки со реномирани оркестри и музички институции ширум светот. На само 30-годишна возраст тој стана првиот странец кој едногласно беше избран за генерален музички директор и главен диригент на градот Хајделберг во Германија, што претставува исклучително признание во светот на класичната музика.
Неговата богата уметничка кариера се протега на три континенти, со настапи во некои од најпрестижните музички центри во светот, меѓу кои Берлин, Лондон, Цирих, Лос Анџелес, Токио, Бостон и Лисабон. Со својата работа тој придонесува за афирмација на класичната музика и за нејзино доближување до пошироката публика.
За својата исклучителна уметничка дејност Камџалов е добитник на бројни престижни меѓународни награди, меѓу кои Echo Klassik, Opus Klassik и наградата „Приз на музички критичари“. Неговото културно влијание е препознаено и надвор од музичките кругови – НАСА и Меѓународен астрономски сојуз му доделија име на астероид како признание за неговиот придонес кон културата и уметноста.
Средбата меѓу проф. д-р Зоран Пејковски и Јордан Камџалов завршила со заедничка констатација дека во современиот свет е повеќе од потребно да се градат мостови меѓу музиката, книжевноста, културата и човечката креативност.
„Преку вакви средби се отвораат нови перспективи за културна соработка, размена на идеи и поттикнување на нови иницијативи што ќе придонесат за збогатување на културниот дијалог во регионот и пошироко“, велат од македонскиот КИЦ во Софија.






