Селектирани се 6 долгометражни, овојпат три документарни и три играни филмови. Ќе може да се проследат филмови од современата унгарска кинематографија и новиот бран на австриската кинематографија. Автор во фокус е харизматичниот режисер од Србија, професорот Срдан Голубовиќ, за прославената школа на иранскиот филм ќе говори филмскиот критичар Хамад Солеиманзаде, а кратката форма и овојпат ќе биде поставена високо на приоритетите на фестивалската програма.
„Десет години, 120 месеци посветена и непрекината работа, за исполнување на големата мисија, да се пронајдат најдобрите, најхрабрите помеѓу новите авторски гласови, оние кои ќе ги предводат новите текови во филмската уметност. За мене ова претставуваше големо задоволство, но и голема одговорност, да се подигнат критериумите во нашата фела, но и да се избориме за простор за независните, за слободоумните, за чесните создавачи, да додадеме вредност во нашата кинематографија и филмски образовен процес и да можеме да бидеме оној охрабрувачки фактор на тешкиот пат, на кој многумина нови филмски создавачи се обесхрабруваат. Киненова не е само фестивал, Киненова е пркос, тоа е само една манифестација на бескомпромисната потрага по слободата, по слободната творечка мисла, потрага по повисоки вредности во уметноста, но и во животот“, рече директорот на фестивалот, Небојша Јовановски.
На присутните им се обрати и Џон Стивенс, еден од главните „виновници“ за создавањето на овој фестивал и раскажа за почетоците, но и за предизвиците со кои се соочувал фестивалот сиве овие години.
Годинава добитник на наградата „Златна грива“ за животен опус е Лив Улман. Актерката испрати писмено обраќање во кое се заблагодари за признанието.

„Длабоко сум почестена што ја добивам оваа награда и сакам да ја изразам мојата искрена благодарност до фестивалот за признанието што го добивам за мојата работа. Да добијам вака високо признание од уметниците и публиката во Македонија, земја со толку богато културно наследство, е длабоко значајно за мене. Иако сè уште немав можност да ја посетам вашата прекрасна земја, долго време посакував да го сторам тоа. Помислата дека моите филмови и мојата посветеност на човековите права стигнаа до луѓе толку далеку од местото каде што живеам и ги допреа длабоко, ме исполнува со радост и понизност. Знам дека Македонија има потентна заедница на филмски режисери, уметници и интелектуалци, а да се почувствува вашата поддршка и топлина е подарок. Се надевам дека еден ден наскоро ќе можам да дојдам во Македонија, да ве запознаам лично и да ја споделам страста за филмската уметност што нè обединува сите преку границите. Ви благодарам уште еднаш за оваа чест. Тоа го зајакнува моето верување дека приказните, без разлика дали се раскажани преку филм или преку нашите постапки како човечки суштества, можат да нè поврзат, да нè инспирираат и да нè зближат еден со друг“, стои во пораката од Лив Улман која беше прочитана на свеченоста.
Најдобриот македонски кинематографер од средната генерација со импресивна бројка на снимени филмови во неговата речиси 50 годишна кариера, Владимир Самоиловски е добитник на „Златната грива“ за особен придонес во филмската уметност.
Наградата му ја врачи уметничкиот директор на фестивалот Гена Теодосиевска, а Самоиловски се заблагодари за укажаната чест и рече дека навистина се радува на наградата и со задоволство ја прифаќа.

Добитник на наградата „Златна грива“ за особен придонес во филмската уметност е Даг Јохан Хагеруд, норвешки режисер. Библиотекар, писател, драматург, новинар, сценарист, режисер истакнат хуманист. Со своите филмови подеднакво ја освои и публиката и критиката од Норвешка до Австралија.
Наградата му ја врачи директорот на фестивалот, а Хагеруд заблагодарувајќи се рече дека е голема чест.
„Јас не сум многу разговорлив, но сметам дека е неопходно да се комуницира преку литературата и филмот. Многу пати досега во мојата кариера се прашував дали уметноста може да го промени светот. Како мал читав многу книги, кои не мислам дека ме променија, но имаа големо влијание на мене. Не е можно се да разбереме, но мора да продолжиме да се обидуваме да се разбереме и да ја набљудуваме реалноста и можностите. Исто така треба и да се слушаме меѓу себе. Во денешно време луѓето не се слушаат многу еден со друг. Слушаат поткасти и читаат социјални мрежи. Без слушање комуникацијата престанува. Да се слушаме со почит, толеранција и со добра воља“, рече меѓу другото Даг Јохан Хагеруд.
На свеченото отворање беше прикажан филмот „Изгубениот тим од соништата“ на Јуре Павловиќ, а во деновите што следат во Киноверзум во Кисела Вода ќе бидат прикажани и останатите филмови.
Одлуките и годинава да бидат наградени вистинските автори од главната натпреварувачка програма ќе ги носи меѓународна жири комисија во состав: Срѓан Голубовиќ, претседател, Владимир Самоиловски и иранскиот филмски критичар Хамед Солеиманзадех, членови.






