Актерката Чичевска изјави дека наградата многу и значи бидејќи е со името на Петре Прличко со кого играла заедно на сцената на велешкиот театар.
„Ја имав таа чест да играм на сцената со доајенот на македонското глумиште Петре Прличко, да учам од него. Наградата ми значи како заокружување на некој мој театарски опус од 47 години постоење на сцената и 39 професионален работен стаж. Воедно, многу ми значи бидејќи наградата ја добивам од колеги што го почитувале мојот труд. Бев многу возбудена кога слушнав дека јас оваа година сум добитникот на оваа висока и значајна награда. Секоја награда значи валидизирање на твојот труд, на она што си го работел. Посебно оваа награда значи дека цел живот си се посветил на театарот кој го сакаш и го живееш во театарот. Затоа што театарот е моја религија, моја партија, театарот е мојот втор дом дури и многу повеќе“, потенцира Чичевска.
Чичевска заедно со Петре Прличко на сцената на велешкиот театар играла во легендарната претстава „Сомнително лице“, каде го играа ликот на Анѓа, а Петре Прличко ликот на Еротије Пантиќ. Во претставата „На сечило“ на Бранко Варошлија каде Слободанка ја играла улогата на Евридика, а со која претстава на велешкиот театар Петре Прличко ја добил и награда за животно дело на Фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Фестивалот „5РЕ“ на сцената на велешкиот театар продолжува на 3 април со „Лошо куче“, стенд ап на Никола Тодоровски. Годинава фестивалот ќе трае до 16 април, а освен од земјава, за првпат има гостувања на театари од Србија и Црна Гора, а ќе има и претстави за деца. Воедно на 14 април во соработка со Кинотеката ќе има и проекција на легендраниот филм „Мис Стон“ во кој игра Петре Прличко во улогата на Манданата. На крајот на фестивалот годинава за првпат ќе бидат доделени награди за најдобра женска и машка улога, за најдобра претстава и најдобра режија.