вторник, 17 февруари 2026

Омаж на проф. д-р Георги Сталев Поповски

Омаж на проф. д-р Георги Сталев Поповски, во соорганизација со ИМЛ, ДПМ и Македонскиот ПЕН-центар, ќе се одржи денеска со почеток од 12 часот во салата за седници на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информираа од Деканатот на Филолошкиот факултет, за наставната, научната, творечката и преведувачката дејност на Сталев Поповски ќе говорат проф. д-р  Венко Андоновски, проф. д-р Зоран Анчевски, проф.  д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева и проф. д-р Трајче Стамески.

Георги Сталев Поповски (1930, Витолиште – 2025, Скопје) е поет, прозаист, драмски писател, книжевен критичар и преведувач. Се школувал во Белград, Прилеп и Скопје. Со литература започнува да се занимава во 1947 година, а од 1953, во периодиката објавува книжевно-историска, теориска и театарска критика. Работниот век го минува како универзитетски професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, предавајќи современи јужнословенски книжевности, потсетија од Факултетот.

Бил долгогодишен уредник на списанието „Современост“. Еден е од првите членови на Македонскиот ПЕН-центар и на Друштвото на писателите на Македонија (1956).

Бил министер за култура при Извршниот совет на Социјалистичка Република Македонија (1978-1982) и координатор на школскиот систем на нашите иселеници во Сиднеј, Австралија (1983). Георги Сталев Поповски е добитник на престижни награди и признанија: државните награди за животно дело, „11 Октомври“, „Климент Охридски“ и „13 Ноември“; наградата „Димитар Митрев“ за книжевна критика и есеистика – двапати; „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот Мали и експериментални сцени/МЕС-Сараево (1972); Медал од Фондот на Лермонтов (Москва); награда за препев „Григор Прличев“ и награда за книжевен превод „Кирил Пејчиновиќ“.

Автор е на пет поетски книги, уште толку драмски текста, два романа, една книга – раскази, многу препеви, преводи и критички есеи.

„Неговиот вроден усет за ритмика и метрика, како и солидните музички познавања ќе го насочат Георги Сталев и кон пишување либрета за опери, па дури и кон компонирање музика за детски претстави. Сталев Поповски припаѓа на првата повоена генерација македонски писатели и интелектуалци, кој, покрај широката и плодна наставно-научна дејност, се профилира во еден од најистакнатите македонски полиграфи и полиглоти, кој со својот импресивен научен, книжевен и преведувачки опус постави високи стандарди во македонската книжевност и култура. Во таа насока во 2011 година, на иницијатива на Катедрата за македонска и јужнословенски книжевности, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, е организиран дводневен научен собир посветен на сестраниот творечки лик на проф. д-р Георги Сталев Поповски“, посочуваат од Филолошкиот факултет.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ