Изборот е во издание на „Матица македонска“, а е приреден и препеан од истакнатиот македонски поет, книжевен критичар, антологичар и преведувач, Раде Силјан, што е уште една потврда дека Миљковиќ, мошне автентично ја возвиши поетската реч на пиедесталот на препознатливост во пошироки тематско-естетски рамки.
Промотор на изданието ќе биде проф. д-р Трајче Стамески од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а стиховите на Миљковиќ, во оригинал и во препев на македонски јазик ќе ги интерпретира Ана Љубиќ. Пред присутните, за делото на Миљковиќ ќе се обрати и приредувачот на изборот и препејувач, Раде Силјан.
Новиот избор приреден од Силјан е обемен и критички опфаќа песни од сите книги на Миљковиќ. Претходниот избор од поезијата на Миљковиќ беше објавен во 1979 година, и исто беше приреден и препеан од Силјан, а доживеа преобјави и во 1986 и во 1988 година.
„Оган и ништо“ е објавен во пресрет на 65-годишнината од трагичната завршница на физичкиот живот на Миљковиќ и по чествувањето на 90-годишнината од неговото раѓање. Всушност, ова издание е и критички избор – резултат на повеќедецинската посветеност на Раде Силјан на поезијата на поетот за којашто самиот тој има напоменато дека е „елоквентна, честопати премногу дотерана, верна на една концепција на книжевноста според која конкретниот предмет, убавината и грациозноста на јазикот се од пресудно значење“. Станува збор за редок случај во македонски и во јужнословенски рамки – за толкава фасцинираност и посветеност на поезијата на друг поет – претходник и соврменик, и тоа од периодот на раната творечка фаза до зрелата творечка доба на Силјан.






