Во официјалното известување се истакнува дека главната причина за одложувањето на Фестивалот, што беше закажан од 12 до 17 мај, е трагедијата што ја погоди локалната и пошироката заедница.
„Оваа одлука е донесена со цел да се изрази почит и сочувство за сите кои беа погодени од овој немил настан. Во овие тешки моменти, нашите мисли и молитви се со семејствата на жртвите, а на сите оние кои се во процес на закрепнување им посакуваме брзо оздравување и сила да го пребродат овој болен период. Како што рекол Шекспир дека тажната сенка не ја мери длабочината, туку светлината која останува по неа и нека овој цитат ни биде утеха дека светлината и надежта секогаш ќе изникнат и ќе ја водат нашата заедница низ тешкото време“, пишува во писменото известување до јавноста.
Подготовките за одржување на Фестивалот беа во тек, односно десетина дена пред трагичниот пожар во дискотеката Пулс беше објавен повикот за пријавување на театарските групи за учество. Овогодишната тема беше „Комедија“, а сите драмски групи беа поканети да ја доловат магијата на хуморот и да ја донесат својата најкреативна и најсмешна претстава на сцена.
Управниот одбор на ДАФ објави и јавен конкурс за официјален фестивалски плакат со насока дизајнот да биде динамичен, енергичен и да ги отсликува вредностите на аматерската драма.
Засега нема информации дали фестивалот целосно ќе биде откажан или ќе се одржи подоцна во текот на годината.