вторник, 23 декември 2025

Одбележани 100 години од раѓањето на Кирил Македонски, автор на првата македонска опера „Гоце“

НУ Завод и Музеј-Битола свечено ја одбележа 100-годишнината од раѓањето на Кирил Македонски, автор на првата македонска опера „Гоце“ и промовира спомен- соба со оставината на композиторот.

Објавено на

часот

Сподели

Пред аудиториумот во Битола, вечерва беше прочитана телеграма од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во која беше нагласено дека денешниот настан е особено значаен за македонската музичка уметност и за македонската култура.

„Отворањето на спомен-собата на Кирил Македонски не е само оддолжување кон делото на композиторот, туку доказ за колективната меморија и почит кон неговото музичко творештво. Сè додека ја слушаме неговата музика ќе биде жив и духот на Кирил Македонски. Сè додека е живо делото на нашите музички великани, ќе биде жива и македонската култура“, беше посочено во телеграмата на претседателката Сиљановска- Давкова.

Според Марија Станчевска Ѓоргова, државен секретар во Министерството за култура и туризам, Кирил Македонски е човекот кој го постави темелот на нашата национална музичка традиција.

„Првата македонска национална опера ‘Гоце’, е дело кое не е само музички подвиг, туку симбол на нашето културно будење создадено во тешки услови, но со непоколеблива љубов кон македонскиот дух. Денес во годината на неговиот јубилеј и со отворањето на спомен-собата, ние не само што се сеќаваме, туку го оживуваме неговото наследство. Неговата музика, продолжува да нè инспирира, да нè обединува и да нè потсетува на силата на македонскиот творечки дух“, истакна Станчевска Ѓоргова, на вечерашната свеченост во Битола.

Кирил Македонски, роден 1925 година во Битола, автор на првата македонска национална опера „Гоце“  е автор на уште две други опери, а тоа се „Цар Самуил“ и „Илинден“, како и музика за филмот „Македонска крвава свадба“.

„Овој ден е посебен за нашето семејство, но и за целата македонска јавност затоа што оставнината на мојот татко Кирил и неговата желба искажана во неговиот тестамент се исполнети. Собата со неговите лични предмети е одраз на неговата волја да се добие работен кабинет во кој вечно ќе бидат презентирани неговите дела“, истакна Пламенка Македонска, ќерка на Кирил Македонски.

Во спомен-собата на Кирил Македонски во НУ Завод и Музеј-Битола изложен е и клавирот долги години чуван во некогашното Радио Битола, а на кој авторот ја компонирал првата македонска национална опера „Гоце“

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ