Во уводникот под наслов „Простори на трајна поврзаност“ Васил Тупурковски, поранешен член на Претседателството на СФРЈ и претседател на Олимпискиот комитет на Македонија, пишува за пријателските и братски односи меѓу Црна Гора и Македонија.
Текстот на Илија Велев под наслов „Постојано на удар на политиките за асимилација“, се занимава со традицијата и современите книжевно-творечки предизвици во Македонија и Црна Гора.
Академик проф. д-р Ферид Мухиќ, во текстот „Човек на добри дела, пријатен карактер и слоевита душа“, се навраќа на спомените за Адем Кочан и развојот на пријателствата меѓу македонските и црногорските граѓани.
Во овој број е објавен и осврт на д-р Зеќир Рамчиловиќ, доскорашен амбасадор на Македонија во Црна Гора, за односите меѓу двете држави под наслов „Соработка врз темелите на вистината и правдата“.
Во текстот под наслов „Расадник на револуционери и народни херои“ уредникот на ова посебно тематско издание м-р Амер Рамусовиќ пишува за прочуената Голема медреса во Скопје, каде што се школувале значајни личности од Црна Гора. Додека м-р Жељко Рутовиќ пишува за Алија Реџиќ, во текстот под наслов „Благородност со особен шарм“, а за Реџиќ пишува и Салко Лубодер.
Тука е и расказот на Димитар Пандев за Васо Томановиќ, црногорскиот лингвист, како и текстот на Самир Радончиќ за македонско-црногорскиот и црногорско-македонскиот речник на авторот Ремза Скeндеровиќ, кој претставува значаен придонес во збогатувањето на македонската и црногорската лексикографска наука.
Кога станува збор за значајни личности кои дале придонес во зајакнувањето на македонско-црногорските односи, во овој број на „Комун@“ проф. д-р Драшко Дошљак пишува за патописите на Ќамил Сијариќ во текстот под наслов „Скопје како простор на сеќавање“, а Александар Спасов за книжевно-културната активност на Вукајло Кукаљ во Македонија, додека м-р Филип П. Јовановски пишува за д-р Ненад Вујадиновиќ, писател и универзитетски професор од Подгорица, кој на македонски јазик го создал најголемиот дел од својот опус.
Како и во многу други претходни броеви на „Комун@“, и во ова издание е објавен еден текст од областа на спортот, каде што Саша Радуновиќ пишува за црногорскиот ракометен брачен пар Кастратовиќ, Зоран и Индира, на кои Македонија им пружила поголемо внимание отколку Црна Гора и им дала можност да покажат колку знаат и умеат во ракометот, поради што решиле животот да го поминат во Република Северна Македонија.
За овој посебен тематски број на Комун@ текстови напишале и м-р Иван Јововиќ, претседател на Матицата црногорска, д-р Срѓа Матиновиќ, Драган Б. Перовиќ, акад. д-р Миле Миќуновиќ, Мирољуб Орландиќ, Анка Перовиќ Радовиќ, Предраг Николиќ, Драгана Ерјавшек, Пеѓа Николиќ, Ријалда Рамусовиќ, Ружица Батковска Грубач, Нела Савковиќ Вукчевиќ, Вилдан Рамусовиќ, Дејан Лукиќ и др.
Ова единствено и посебно издание на Комун@ од утре ќе биде достапно на сите продажни места низ Црна Гора.






