Од македонска страна претставени се: Катица Ќулавкова, Влада Урошевиќ, Иван Џепароски, Зоран Анчевски, Наташа Сарџоска и Андреј Ал-Асади, додека од кинеска: Шји Чуан, Лју Јуе, Аку Вуву, Џао Си, Минг Ди, Ли Суо и Џао Лихонг. Препевот во соработка со авторите го извршија синолозите Игор Радев, Сара Цветановска и Елена Дамјаноска. Уредници на изданието се кинеската поетеса Лју Јуе и македонскиот синолог Игор Радев. Книгата претставува резултат на првата Македонско-кинеска поетско-преведувачка работилница насловена како „Поезијата во превод меѓу цивилизациите“, која беше одржана во август, 2024, во Охрид, во организација на МАНУ во соработка со Пекиншкиот јазичен универзитет.

Ова издание е од историско значење со оглед на тоа што претставува прво систематско претставување на современата македонска поетска сцена во рамките на кинеското говорно подрачје. Воедно, најверојатно за првпат се издава во Кина едно книжевно дело и на македонски јазик.

Книгата беше претставена на 13 декември на кампусот на Пекиншкиот нормален универзитет во Џухај во склоп на Меѓународниот форум за книжевна размена, додека на 14 декември беше организирана и промоција во Гуангџоу. Од македонска страна на овие настани учествуваа академик Катица Ќулавкова и Игор Радев.






